Зелената партија оствари историска победа на вонредните избори во северна Англија. Хана Спенсер ја порази Лабуристичката партија, нанесувајќи тежок удар врз премиерот Кир Стармер.
Историска победа на Зелената партија на Англија и Велс на вонредните избори во Гордон и Дентон предизвика сериозен политички потрес во Обединето Кралство. Кандидатката Хана Спенсер успеа да ја урне лабуристичката предност од 13.000 гласови и да стане прва пратеничка на Зелените од северна Англија, нанесувајќи тежок удар врз премиерот Кир Стармер.
Според резултатите, Зелените освоија 14.980 гласови, додека десничарската Reform UK заврши втора со 10.578 гласа. Лабуристите се најдоа на третото место, со пад од 25,3 проценти во споредба со 2024 година. Конзервативците и Либералните демократи освоија под 5 проценти и ги загубија депозитите – што дополнително ја потврдува драматичната промена во политичкиот пејзаж.
Од водоинсталатерка до Вестминстер
Хана Спенсер (34) е поранешна водоинсталатерка и молерка од Манчестер, која ја напуштила школата на 16 години и започнала занаетчиска кариера, пред да отвори сопствен бизнис. Таа често нагласува дека не студирала политика, туку „поправала куќи за да заработи за живот“, позиционирајќи се како глас на работничката класа во парламент преполн со универзитетски образувани пратеници.
Нејзината кампања се оддалечи од класичниот имиџ на Зелените како партија фокусирана исклучиво на животната средина. Наместо тоа, во преден план ги стави трошоците за живот, социјалната правда и незадоволството кај левичарските гласачи поради ставовите на лабуристите за војната во Газа.
Спенсер не е политички почетник – во 2023 година стана локална советничка, а подоцна се кандидираше и за градоначалник на Голем Манчестер. Со денешната победа, Зелените добиваат петти пратеник во Вестминстер, што е нивен најдобар резултат на вонредни избори досега.
Притисок врз Стармер
Резултатот дополнително ја продлабочува загриженоста во редовите на Лабуристичка партија дека губи дел од левичарските и малцинските гласачи во обид да го запре подемот на Reform UK. Аналитичарите оценуваат дека ова испраќа силна порака до прогресивните гласачи дека не мора нужно да гласаат за лабуристите за да ја поразат десницата – сигнал што може да има долгорочни последици за владата.
Дел од лабуристичките пратеници веќе јавно го доведоа во прашање лидерството на Стармер. Пратеникот Нил Данкан-Џордан изјави дека доколку лидерот се доживува како „пречка“ за изборна победа, тогаш партијата мора да размисли за промена.
Политичките аналитичари предупредуваат дека традиционалните столбови на лабуристичката поддршка – белите работници и етничките малцинства – се оддалечуваат од партијата. Историскиот успех на Зелените во северна Англија ја прави иднината на британската политика понеизвесна од кога било досега.