Турските власти денеска го привеле претседателот на една од општините во Истанбул, како и уште 47 други службеници, поради наводи за корупција. Сепак, ова се толкува како дел од поширока кампања за разбивање на главната опозициска партија во Турција.
Според државната агенција Анадолу, истанбулскиот јавен обвинител наредил апсења во рамките на истрага поврзана со изнуда, мито, проневера и местење тендери во општината Бајрампаша.
Градоначалникот на Бајрампаша, Хасан Мутлу, ги негираше обвинувањата преку соопштение на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер).
„Она што се случува е политичка операција и неоснована клевета. Бидете уверени дека заедно со вас, почитувани жители на Бајрампаша, ќе ги надминеме овие обвинувања и оваа неправда“, порача Мутлу.
Изминатите месеци беа уапсени повеќе од десет функционери од главната опозициска Републиканска народна партија (CHP), како и стотици локални службеници под сомнение за корупција – вклучително и истанбулскиот градоначалник Екрем Имамоглу.
Апсењето на Имамоглу, кој важи за главен противкандидат на претседателот Реџеп Таип Ердоган на наредните претседателски избори, предизвика масовни протести.
Од CHP велат дека апсењата и обвинувањата се дел од координирана акција на власта со цел да се ослаби опозицијата и да се расчисти патот за нов мандат на Ердоган. Властите ги негираат обвинувањата и тврдат дека судството во Турција е независно.
Во клучен судски процес кој ќе се одржи во понеделник, судот треба да одлучи дали ќе го поништи конгресот на CHP од 2023 година – одлука која може драстично да го промени раководството на партијата и да предизвика внатрешни поделби. CHP постигна значителен успех на локалните избори минатата година.