Полицијата синоќа спроведе обемна акција на повеќе локации во Скопје и Струмица, поврзана со неодамнешната рекордна заплена на околу пет тони марихуана во Србија, за која српските власти соопштија дека потекнува од фабрика за медицински канабис во Македонија.
Според неофицијални информации, полициски екипи биле распоредени во повеќе објекти, а дел од медиумите објавија дека во Скопје се вршат претреси и во објект во кругот на поранешната фабрика ОХИС. Засега, овие информации не се официјално потврдени.
Од Министерството за внатрешни работи со кратко соопштение информираа дека акцијата е во тек и дека се преземаат координирани мерки со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
„МВР, во координација со ОЈО ГОКК, презема соодветни мерки и активности на повеќе локации во Скопје и Струмица во врска со опојна дрога. Повеќе детали ќе бидат соопштени по завршување на активностите“, соопштија од полицијата.
Случајот предизвика силен интерес во јавноста откако српските власти соопштија дека запленетата марихуана, една од најголемите во регионот, наводно потекнува од Македонија и била произведена во објект со дозвола за медицински канабис.
Очекувањата се дека во текот на утрешниот ден МВР ќе излезе со повеќе официјални информации за резултатите од акцијата и евентуалните приведувања.
