Во Риека синоќа беше спречен можен инцидент откако полицијата добила пријава за собирање на сомнителна група во близина на Центарот Замет, каде што се одржува Првенството на Балканот во карате.
Според неофицијални информации, цел на наводниот напад требало да бидат деца од Србија, но благодарение на брзата интервенција на полицијата, ситуацијата завршила без инцидент — пишува net.hr.
Полицијата потврдила интервенција
Од Полицијата на Приморско-горанската жупанија потврдиле дека реагирале по пријава за собирање на група лица околу спортската сала. На местото на настанот затекнале повеќе лица, меѓу кои имало и малолетници.
„Со доаѓањето на местото на настанот, дел од групата беше затекнат, меѓу нив десет малолетни лица,“ соопштија од полицијата.
„Не дошло до напад“
Среќа е што целата ситуација завршила без каков било инцидент. Полицијата истакна дека не дошло ниту до вербален, ниту до физички судир, и дека нема материјална штета.
„Според досега собраните информации, не е забележан вербален ниту физички напад врз учесниците на меѓународното натпреварување во карате, на кое учествуваат спортисти од 13 земји.
Исто така, не се евидентирани оштетувања на имотот. Полицијата продолжува со утврдување на сите околности поврзани со настанот и можното постоење на противправно однесување,“ соопштија од полицијата.
Карате-првенство со учесници од 13 земји
Во Риека од денес се одржува Првенството за кадети, јуниори и младинци во карате, на кое учествуваат повеќе од 1.200 натпреварувачи.
Натпреварувачите доаѓаат од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Романија, Србија, Словенија, Турција и Хрватска.
Вкупно се пријавени 1.293 натпреварувачи и 250 тренери, од кои 54 од Хрватска — бројка што ретко се гледа на едно место.