Во близина на крстосница за село Мамутчево, на експресниот пат Лозово – Велес, вчера, околу пладне, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода 45- годишниот М.Ј. од Штип додека управувал моторно возило марка „бентли“ со скоро два пати поголема од дозволената брзина, информира попладнево портпаролот на СВР Велес, Биљана Ѓаковска.
Таа појасни дека при контрола на патниот сообраќај со радар, полициските службеници констатирале дека М.Ј управувал патничко возило „бентли“ со штипски регистарски ознаки со брзина од 143 километри на час на место каде максимално дозволената брзина е ограничена со сообраќаен знак на 50 километри на час.
М.Ј бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило,најавија од СВР Велес.
