Операцијата резултирала со 18 апсења за вознемирување, сексуален напад и кражба.
Полицијата ги таргетирала таканаречените „жаришта“ на вознемирување, при што полицајки во спортска облека трчале во попладневни часови, додека блиски единици биле подготвени за интервенција при секоја форма на злоупотреба.
Инспектор Џон Вејл, координатор за борба против насилство врз жени и девојки во Сари, изјави дека речиси половина од жените кои џогираат во одредени делови од округот никогаш не пријавуваат вознемирување.
„Дофрлањето е премногу често,“ рече тој. „Една од нашите офицерки беше исвиркана и само 10 минути по почетокот на патролата, а 30 секунди подоцна друго возило ѝ се доближи со гестикулации и свирење. Тоа е секојдневна појава.“
Иако дофрлувањето само по себе не е кривично дело, полицијата предупредува дека може да биде вовед во посериозни форми на сексуално насилство. Поради тоа, полицијата во Сари ја воведе оваа несекојдневна метода за рано препознавање и спречување на ризици.
„Наша цел е да испратиме порака: ова однесување не е прифатливо. Сакаме да ги образуваме прекршителите, но кога ќе се работи за повторени случаи или сериозни престапи – ќе се преземат строги правни мерки“, додаде инспектор Вејл.
Полицајката Аби Хејворд, која учествувала во акцијата како таен офицер, вели: „Ова не е изолиран случај – ова е реалноста со која жените живеат секој ден. Вознемирувањето може да биде симптом на подлабок проблем или едноставно неосвестено однесување. Во двата случаи, мора да реагираме.“
Полицијата во Сари ја дизајнирала оваа операција врз основа на претходни искуства со тајни полициски службеници во ноќни клубови и барови за спречување на грабежи и сексуални напади.
Според истражување на Универзитетот во Манчестер, повеќе од две третини од жените во северозападна Англија доживеале некаков вид вознемирување додека трчале – вклучувајќи вербални навреди, закани и фрлање предмети. Многу од нив изјавиле дека престанале да пријавуваат бидејќи ваквото однесување станало „нормализирана појава“.
Додека јавната расправа за женската безбедност продолжува, полицијата најави дека ќе продолжи со патролирање на најпогодените зони и ќе работи со заедниците за подигнување на свеста.
Извор: The Guardian