Мрежата SafeJournalists денеска соопшти дека полицијата не дејствувала кога во вторникот вечерта во Нови Сад биле нападнати телевизиските екипи на N1 и Euronews за време на протестот поради смртта на 14 лица и го осуди таквото однесување.
Во соопштението се вели дека иако на местото на настанот биле присутни голем број полицајци, никој не реагирал.
Новинарката на телевизијата N1 Жаклина Таталовиќ и снимателот Никола Поповиќ за време на директниот пренос прво биле навредувани и попречени во работата, а Поповиќ бил и физички нападнат, пренесе Бета.
Се додава дека малку подоцна се случил уште еден инцидент пред просториите на градскиот комитет на Српската напредна партија (СНС) кога снимателот на Еуроњуз, Мирко Тодоровиќ, бил удрен и соборен на земја.
„Всушност, откако претседателот Александар Вучиќ ги собра своите приврзаници пред просториите на СНС да им се обрати, дојдоа новинари да известуваат, но насобраните граѓани не им дозволија“, се наведува во соопштението.
Се додава дека кога Вучиќ си заминал, дошло до тепачка меѓу поддржувачите на СНС и учесниците на протестот, а едно лице потоа удрило снимател на Еуроњуз и го соборило на земја.
Во соопштението на SafeJounalist се вели и дека голем број полицајци во униформи за разбивање демонстрации и во цивилна облека биле присутни во центарот на Нови Сад, што било забележано и во директните преноси, но никој не реагирал на нападот на телевизиската екипа N1.