Полицијата го деблокираше РТВ во Нови Сад, РТС сè уште под блокада

Полицијата во Нови Сад ноќеска го деблокираше влезот на Радио-телевизијата на Војводина (РТВ), кој вчера вечер го блокираа студенти од универзитетите во Србија. Студентите веќе со месеци протестираат, обвинувајќи ги властите за коруптивни зделки и за нестручно изведени работи на железничката станица во Нови Сад, каде минатата година при паѓање на надстрешница загинаа 16 лица.

Покрај РТВ, студентите синоќа го блокираа и влезот на јавниот сервис Радио-телевизија Србија (РТС) во Белград, како и неколку од нејзините редакции.

Српското Министерство за внатрешни работи соопшти дека во координација со обвинителството се врши идентификација на сите лица што сториле кривични дела и прекршоци, и против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

РТС извести дека студентите ги блокирале зградите на јавниот сервис во улиците Таковска и Абердарева, каде поставиле и шатор, како и приодите во зградата на Кошутњак, на кои испишале графити.

Студентите пак обвинуваат дека јавниот сервис го игнорира нивното движење и протестите, кои – како што објавија на Инстаграм – ќе продолжат сè додека не се исполнат нивните барања. Тие бараат распишување конкурс за членови на Регулаторното тело за медиуми (РЕМ), или целосно гасење на РТС.

Падот на надстрешницата во Нови Сад предизвика бран од протести низ Србија, а студентите почнаа блокада на повеќе од 60 факултети на сите четири државни универзитети, откако беа нападнати од поддржувачи на владејачката партија за време на комеморативната блокада на која со молк им оддаваа почит на загинатите.

Студентите во почетокот излегоа со четири барања, кои подоцна ги проширија на вкупно шест, при што најважни се: откривање на одговорните за трагедијата во Нови Сад и разобличување на коруптивната мрежа во политиката и општеството.

Српските власти го нарекуваат студентскиот протест „обоена револуција“, тврдејќи дека е политички инструиран и поддржан од странски организации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни