Синоќа, како и денеска на бројни локации во Белград, но и други градови во Србија граѓани блокираат крстосници поради револт од апсењата на студенти по големиот Видовденски протест во Белград во саботата.
Земун, Автокоманда, Нов Белград, мостот Газела се само дел од локациите низ Белград каде граѓаните го изразуваат својот револт.
Сепак, рано утрово и во текот на денот српската полиција почна да ги разбива блокадите, при тоа користејќи во најмала рака контроверзни методи.
На социјалните мрежи се појавија снимки од разбивањето на блокадите во Белград, а на една се гледаат мажи облечени во црно, со фантомки на главите, како ги удираат демонстрантите.
Исто така, на улицата „Војвода Степа“ во Вождовац, утрово, четири полициски комбиња со вклучена ротација и со полна брзина се обидоа да влетаат меѓу граѓаните.
Адвокатот Родољуб Шабиќ денес праша „кога фантомката стана задолжителен дел од униформата на српската полиција“, коментирајќи го фактот дека голем број полицајци носат маски преку лицата за време на блокадите што ги поставуваат граѓаните.
„Зошто овие луѓе ги кријат своите лица? Дали се тие воопшто полицајци“, праша на социјалната мрежа Х. Шабиќ, кој е и поранешен комесар за информации од јавно значење и заштита на лични податоци.
Коментирајќи ја утринската полициска акција на улицата „Војвода Степа“, кога четири полициски автомобили се нафрлија врз граѓаните за да ги растераат, Шабиќ оцени дека станува збор за „бесвест, а не за полициска акција“.
„Кој го нарачува ова? Која одредба од Законот за полиција ја дозволува оваа „мерка“? Оние кои свесно и нелегално ги загрозуваат животите и здравјето на граѓаните ќе мора да бидат повикани на одговорност“, додаде тој.
Дека не се работи за класични полициски формации, сметаат и голем дел од граѓаните кои се соочиле со нив на блокадите.
Министерството за внатрешни работи на Србија, претходно денес објави дека полицијата ги отстранила сите блокади на улиците во Белград во текот на ноќта.
Според соопштението, полицијата дејствувала „високо професионално“, наведувајќи дека неколку лица биле приведени поради навреда и нарушување на јавниот ред и мир, а дека едно полициско возило било оштетено.