Синоќа во Врбас и Бачка Паланка се одржа ненадејно собирање на граѓани кои се упатиле кон просториите на Српската напредна партија (СНС), со намера да се судрат со партиските поддржувачи, рече Васиљевиќ за РТС.
„Полицијата имаше информации за собирањата, но се надевавме дека ќе поминат без инциденти. Присутните се упатија кон просториите на СНС, пред кои веќе имаше собрано повеќе стотици партиски поддржувачи. Мора да се каже дека симпатизерите на СНС не отишле никаде со намера да напаѓаат, туку само биле пред своите простории. Во Врбас и Бачка Паланка, пак, се собраа граѓани со очигледна намера да се судрат со поддржувачите на СНС“, рече директорот.
Васиљевиќ додаде дека „вистината е само една – некој дошол да нападне простории на Српската напредна партија“.
Според неговите податоци, само во Врбас биле повредени 16 полицајци, а во здравствените установи се јавиле 52 граѓани. Вкупно биле повредени околу 70 лица. Полицијата привела повеќе лица, а ситуацијата се смирила утрината околу 6 часот. Инциденти имало и во други градови како Крагуевац, Ниш и Белград.
На прашањето за употреба на сила, Васиљевиќ објасни дека полицијата само ги потиснувала и раздвоила двете групи. „Беше потребно да се потиснат и симпатизерите на СНС и оние кои дошле да нападнат. Беа пријавени и обиди за напад во Белград, во Његошевата улица. Тешко е да се најде мера и да се обезбеди да не дојде до судир во урбани средини, особено кога има и најавени настани од безбедносно значење, како спортски натпревари или посети на странски официјални лица“, истакна тој.
Директорот нагласи дека полицијата се соочува со голем број ненадејни собирања без организатори и дека нема со кого да води преговори. „Полицијата ги повикува граѓаните да го почитуваат јавниот ред и мир, да не се судруваат и да не бараат виновници во други лица. Законот мора да се почитува, а полицијата нема да дозволи напади или судири против било кого“, заклучи Васиљевиќ.