(Видео) Полицијата со удари и туркање интервенираше на Филозофскиот факултет во Нови Сад

Видео-снимки од внатрешноста на зградата покажуваат употреба на сила при растерување на студенти и професори кои ја блокираа институцијата поради отказ на професорка.

Полициска бригада интервенираше во зградата на Филозофски факултет во Нови Сад, откако студенти и професори одлучија да ја блокираат институцијата во знак на протест поради отказот што ѝ бил врачен на професорката Јелена Клеут.

Како што се гледа на видео-снимките објавени од српската телевизија N1, полицијата им наредила на присутните да ја напуштат зградата, по што следело потиснување кон излезот. На самите влезни врати е забележан инцидент во кој припадници на полицијата со штитови и со тупаници удираат дел од присутните, додека ги туркаат надвор од објектот.

На снимките јасно се гледа како полициските сили употребуваат физичка сила при интервенцијата, што предизвика бурни реакции во јавноста и на социјалните мрежи. Дел од видеата се означени со предупредување дека содржат вознемирувачки сцени.

Протестот и блокадата на факултетот беа организирани како реакција на отказот на професорката Клеут, што академската заедница го оцени како политички и институционален притисок. По интервенцијата, на социјалните мрежи беа објавени и други видеа и сведоштва за случувањата во зградата, кои дополнително го зголемија интересот и загриженоста на јавноста.

Од официјалните институции засега нема детално соопштение за причините за употребата на сила, ниту за евентуални повредени лица за време на интервенцијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни