Полиаморија и полигамија – способност за искажување на повеќе љубов?

Додека на Западот општествата постепено се либерализираат и кажуваат „кој кого сакa нека бакнува”, често забораваат реченицата да ја стават во множина, затоа што правото на повеќе љубовни врски е законски запоставено и е сместено во категоријата на прекршоци. Законот не познава брак кој што вклучува повеќе од две лица. Социолозите наведуваат бројни „историски” објаснувања за полигамијата и тоа како таа произлегла од земјоделски потреби, семејни сојузи, традиции и обичаи, па се до потребата за моќни позиции. Светот во последно време драстично се има променето и поголемиот дел историски причини за полигамијата немаат оправдување. Тие најчесто се криминализирани или третирани во рамките на обичајното право. Сепак тоа е низ призма на социологијата, но што е со психологијата?

Дали воопшто е возможно да сакате, па дури и да бидете во брак со повеќе партнери?


Полигамијата претставува брачна заедница која што содржи повеќе од два партнера. Во текот на историјата, ваквиот тип на заедници се појавуваат на сите континенти и во сите култури, од келтските заедници во Европа, конкубините во античка Кина, до полигамната Ацтечка империја. Поголемиот дел од овие заедници биле класични и биле од патријархална природа – каде што мажот бил „главата на семејството” и имал право на повеќе жени. Во некои култури, најчесто првата жена имала попривилегиран статус во однос на другите, додека пак во некои други култури сите жени имале исти статус, а мажите биле привилегирани.

Полигамните врски и бракови кои денеска се признаени со закон или обичајното право (најчесто во деловите на Африка и Блискиот Исток) се најчесто полигини со мал број на исклучоци. Полигинијата е хетеро нормативна форма на полигамија која се јавува како врска помеѓу еден партнер и неколку партнерки. Историски, оваа форма на полигамија била најраспространета и како таква е задржана до денес.

Спротивно од полигамијата е полиандријата, што претставува спојување на жена со повеќе машки партнери

Ваквите односи се историски поретки од полигинијата, но сепак биле вообичаени во одредени култури во областа на јужна Кина, Тибет, делови од Непал и јужна Индија. Ваквите бракови порано значеле дека женски член на едно семејство истовремено стапува во брак со неколку машки членови на друго семејство.

Во делови од Африка, најчесто во северна Нигерија и северен Камерун, може да се најдат форми на полигамија, што претставува комбинација на полигинија и полиандрија; женските партнерки имаат неколку машки партнери, кои пак од друга страна имаат повеќе женски партнерки. Ваквите заедници се нарекуваат групни бракови. Во некои земји, бидејќи тие не се признаени со закон, овие заедници се дефинирани како „кохабитации“.

Во групните бракови се појавува и концептот на поливерност, односно лојалност во заедниците. Тоа подразбира дека членовите се обврзуваат на сексуална верност, како што е вообичаено во моногамните „затворени“ врски или бракови.

За разлика од полигамијата која е социолошки и правен концепт, постои и психолошка страна на приказната, а тоа е полиаморијата.

Полиаморијата или со други зборови „повеќекратна љубов“ подразбира интимна, сексуална или романтична врска со неколку партнери. Главната разлика помеѓу полиаморијата и полигамијата е тоа што полиаморијата не вклучува брак.

Основата на секоја поли врска е согласноста на сите партнери, како и акцент на еднаква емотивна поврзаност помеѓу нив

За разлика од полигамијата, не постојат правни бариери за полиаморијата, но не е признаена со закон. Луѓето во полиаморна врска можат да имаат еден примарен партнер и неколку споредни или сите партнери можат да бидат во рамноправна врска, со тоа што полиаморната врска не мора да вклучува сексуални односи.

Основните пречки кога се зборува за поли врските, покрај правните, најчесто се и чувствата кои се присутни и во моноромантичните врски. Првото нешто што најчесто се појавува како пречка е љубомората која произлегува од стравот од губење на партнерот доколку се појави можност за трето лице во врската. Најлесен начин да се надмине љубомората е преку отворена комуникација и што е уште поважно, искреноста.

Комуникацијата и почитувањето на границите поставени од партнерот е еден од најважните услови за една здрава поли врска

Една од негативните страни на мононормативните односи е тоа што луѓето очекуваат нивните партнери целосно да ги задоволат сите нивни потреби; од романтичен до сексуален аспект. Во полиаморните врски, задоволството меѓу партнерите се дели, емоциите се искажуваат поинаку, љубовните јазици се практикуваат на повеќе начини и нема поларизација. Бидејќи не постои строг модел за полиаморни врски, полиамористите преферираат едноставно да постават одредени граници или „правила“ и отворено да разговараат за сè како што се чувства, сомнежи, желби и барања.

Доколку сакате да погледнете драматична приказна за полиаморијата и психологијата зад неа, ви го предлагаме филмот „Dr. Marsten and the Wonder Women“ – приказна за психолог кој докажал полиаморија со помош на раните верзии на полиграфот, а исто така бил креатор на ликот Wonder Woman, што бил инспириран од неговите партнерки.

ИЗВОР: XXZ МАГАЗИН

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни