Поларните мечки би можеле целосно да исчезнат: Како нивната ДНК се прилагодува на климатските промени?

Студијата, објавена во списанието „Спрингер нејчр“, анализирала примероци од крв од 17 поларни мечки од североисточните и југоисточните делови на Гренланд

Поларните мечки брзо претрпуваат „фундаментални генетски промени“ во очаен обид да се прилагодат на климатската криза.

Климатските промени го затоплуваат Арктикот со забрзана брзина, два до четири пати побрзо од глобалниот просек. Ова значително ги намалува клучните области на морски мраз што поларните мечки ги користат за лов на фоки, што доведува до сериозен недостиг на храна и изолација.

Поради сето ова, се предвидува дека повеќе од две третини од поларните мечки ќе исчезнат до 2050 година, додека истражувачите предупредуваат на „тотално истребување“ до крајот на овој век.

Сепак, научниците од Универзитетот во Источна Англија (UEA), во Велика Британија, откриле дека ДНК-та на поларните мечки има клучна улога во наоѓањето решенија за тоа како овие животни можат да се прилагодат на променливата клима и исхраната.

Како се менува ДНК-та на поларните мечки?

Студијата, објавена во списанието „Спрингер Нејчр“, анализирала примероци од крв од 17 поларни мечки од североисточен и југоисточен Гренланд за да ја спореди активноста на таканаречените „скокачки гени“, нивниот однос со температурата во двата региони и промените во генската експресија.

„Скокачките“ гени се мали делови од геномот што можат да влијаат на начинот на кој функционираат другите гени.

Истражувачите откриле дека покачените температури се чини дека предизвикуваат „драматично зголемување“ на активноста на овие гени кај мечките во југоисточен Гренланд, каде што температурите се значително повисоки отколку на север.

Се смета дека овие промени во ДНК, кои би можеле да влијаат на метаболизмот на мечките и како тие се справуваат со топлинскиот стрес, може да укажуваат на „очаен механизам за преживување поради топењето на морскиот мраз“.

Промени се забележани и во делови од ДНК поврзани со експресијата на гените одговорни за преработка на масти, што е особено важно кога нема доволно храна.

Студијата вели дека ова би можело да значи дека мечките од југоисточен Гренланд полека се прилагодуваат на построга, претежно растителна исхрана што се наоѓа во потоплите региони, за разлика од северната популација што јаде фоки.

Дали поларните мечки сè уште се во опасност од истребување?

Водечката истражувачка д-р Алис Годен верува дека наодите даваат „генетски план“ за тоа како поларните мечки би можеле брзо да се прилагодат на климатските промени.

„Сепак, не смееме да бидеме самозадоволни. Ова дава одредена надеж, но не значи дека поларните мечки се помалку изложени на ризик од истребување. Сè уште мора да направиме сè што е во наша моќ за да ги намалиме глобалните емисии на јаглерод и да го забавиме порастот на температурите“, додаде таа.

Студијата заклучува дека следниот чекор треба да биде испитување на други популации на поларни мечки, со цел да се анализираат нивните геноми „пред да биде предоцна“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни