Во сенка на еуфоричната реунија на легендарниот британски бенд Oasis, британската јавност ја потресе веста дека Пол Галагер (59) – постариот брат на Лијам и Ноел Галагер – е обвинет за силување, сексуален напад и низа други сериозни кривични дела.
Според изјава на Метрoполитенската полиција во Лондон, Пол Галагер ќе се појави пред судот на 27 август, откако против него беа поднесени обвиненија што вклучуваат: едно дело на силување, три дела на сексуален напад, три дела на намерно задушување, едно дело на контролирачко и принудувачко однесување, две дела за закана за убиство и едно дело за телесна повреда
Престапите, според полицијата, се случиле во периодот од 2022 до 2024 година, а истрагата започнала минатата година. Жртвата добива поддршка од обучени службеници за работа со жртви на сексуално насилство.
Кој е Пол Галагер?
Иако често споменуван во медиумите како постар брат на славното дуо од Oasis, Пол никогаш не бил дел од бендот. Роден е во Манчестер, каде што пораснал со своите браќа во населбата Бурниџ.
Работел како диџеј и фотограф, а во 1997 година ја објави книгата “Brothers: From Childhood to Oasis”, во која опиша детали од нивното заедничко детство.
Oasis: Реунија во сенка на скандал
Обвиненијата доаѓаат во време кога Лијам и Ноел Галагер ја одржуваат својата прва заедничка турнеја по 15 години, насловена Live ‘25, која претставува своеобразна прослава на музичкото наследство на бендот.
Иако Пол не е дел од турнејата, неговото име повторно дојде во центарот на вниманието – овојпат не поради музиката, туку поради сериозни и вознемирувачки обвиненија.