Покачениот LDL холестерол е познат како значаен фактор на ризик за развој на срцеви болести, мозочен удар и периферна артериска болест.
Проблемот е во тоа што оваа состојба често поминува без јасни симптоми, па многумина не се ни свесни дека ја имаат. Токму затоа е важно редовно да се прават лабораториски анализи, како липидограм, а резултатите да се толкуваат во консултација со лекар.
Зошто воопшто се зголемува холестеролот?
Исхраната е еден од клучните фактори.
Според експертите, исхрана богата со брза храна и ултрапреработени производи е една од главните причини за покачен LDL холестерол.
Сепак, кај некои луѓе проблемот е запишан во гените.
Фамилијарната хиперхолестеролемија, како што објаснуваат експертите, е наследно нарушување кое предизвикува покачен LDL без оглед на тоа колку некој се храни здраво или вежба. За овие пациенти, посочуваат тие, лекувањето со лекови е неопходно. Сепак, здравите навики и натаму играат важна улога како поддршка на терапијата.
Промена на животните навики
Покрај исхраната, неопходна е и редовна физичка активност.
Според експертите, вежбањето го намалува вкупниот холестерол, триглицеридите и LDL, а умерено го зголемува HDL, односно „добриот“ холестерол кој ги штити срцето и крвните садови.
Се препорачуваат најмалку 150 минути аеробна физичка активност неделно, што е околу 25 минути дневно.
Експертите препорачуваат медитеранска исхрана или DASH диета. И двата пристапа се темелат на овошје, зеленчук, интегрални житарки, мешунки, јаткасти плодови, семиња, риба и живина, со значително намалување на ултрапреработената храна богата со рафинирани јаглехидрати, шеќер и натриум.
Кога станува збор за рестриктивни диети, препораката е тие да се избегнуваат во поширока смисла.
Кога се гледаат промени?
Ако се придржувате до новите животни навики, значителна разлика во нивото на холестерол може да се забележи за околу шест месеци, велат експертите. Кај луѓето кај кои холестеролот не реагира добро на промени во начинот на живот, или кај оние со фамилијарна хиперхолестеролемија, во третманот се воведуваат лекови. Во тој случај, временската рамка е значително пократка.
Според експертите, видливи промени во нивото на LDL холестеролот може да се појават веќе две недели по почетокот на терапијата. Сепак, и покрај тоа, лекарите обично чекаат околу шест недели пред повторно да ги измерат липидните профили.
Тоа е доволно време за да се процени дали лекот делува и дали е потребно да се приспособи дозата. Тој период е важен и за следење на можните несакани ефекти, особено оние врз црниот дроб и мускулите, кои понекогаш се јавуваат кај статините и другите лекови за намалување на холестеролот.
Доколку се потребни дополнителни прилагодувања, новото мерење се прави шест недели подоцна.