Терминал 2. Луѓе. Check in. Ги слушам божиќните песни, ме радуваат. Мојата омилена сезона и мојот омилен празник, Божиќ, за кој се спремав со месеци. Со месеци размислував за кого каков поклон да смислам, каква храна ќе има, како ќе ја издекорирам оваа година масата, какво течение ќе има денот, како да заврши вечерта. Божиќните журки, секоја различна, некои луѓе си заминале, нови влегле. Голема елка и блескаво накитен дом како од Christmas movie, веќе од Ноември го чекаа овој ден.
Одсекогаш сме го славеле католичкиот божиќ па затоа нова година никогаш не ми беше битна. Имав полно срце, ги имав луѓето што ги сакам најмногу во еден ден околу мене. Ниту еден друг повод не можеше да ми ја замени оваа радост, но овој божиќ е поинаку. Сакав да сум што подалеку од сето ова.
Gate 14. Чекам да влезам во авион. Пред само 2 месеца чекав пред друг гејт за да одам на друга дестинација. Бев толку анксиозна, што мислев дека ќе се онесвестам. Имав мисли дека ќе снемам кислород на летот, затоа што имам проблематични бели дробови, па цело време си ја проверував сатурацијата. Ги следев бројките, ако беа ниски се тешев апаратчето дека не ми работи добро, кога беа повисоки си се бодрев дека има уште малку време до крајот на летот. Се молев само да успеам да слетам и да стигнам до болницата каде што ме чекаше интервенција и дека после тоа се ќе биде подобро. Срцето го чуствував во грлото, мозокот ќе ми прснеше.
Додека влегувам во авион се присеќам на ова минато искуство но сум тотално спокојна сега дури ми е чудно. Никогаш не сум имала страв од летање, напротив ги уживам тие саати. Летам во бескраен свемир или најчесто лебдам врз некое пуфкасто облаче, фантазии на дете но ми даваат мир. Белите дробови се истите, интервенцијата немаше исход како што сите очекувавме, напротив резултатите се уште покатастрофални. Овој лет не ни го носам апаратчето за сатурација, скроз ми е небитно. Носам книга но набрзо ја заспивам.
Пишувајќи во моментов сфаќам како да ви раскажувам за тотално две различни личности. И да, различни се.
Најголемиот страв на човекот е стравот од смрт. Индиректно, не се плашиме од летањето, туку од можноста авионот да се сруши и ние да умреме. Не се плашиме од височината, туку од падот. Не се плашиме од заглавувањето во лифт, туку од тоа дека ќе ни снема кислород. Не се плашиме од болеста, туку од смртта што таа може да ја донесе.
Сите не чека истото. Некој порано, некоја подоцна, но секој кога треба. Јас верувам дека секој од нас доаѓа со своја мисија. Верувам дека она што сме навистина не исчезнува со последниот здив. Не треба да се согласиш со мене, ниту да веруваш во тоа што верувам и јас. Но можеби можеме да се согласиме дека стравот не ни е вроден, тој е програма што ни е вградена со текот на животот.
Дојдени сме со ништо и ќе си заминеме со ништо.
Денес, сум далеку од дома но дома сум. Дома ми е каде и да сум, зошто домот не ми е повеќе место, туку состојба на душата.
Овојпат, радоста не е гласна но, доволна е. Не е големата богата со луѓе трпеза, туку е мала и интимна. Радоста овојпат не беше во собирот, туку во мирот што конечно го чувствувам. Во здивот што не го брзам. Во прифаќањето дека не мора секогаш да бидам таму каде што се очекува од мене, туку таму каде што ми е мирно срцето.
Не бегав од празникот. Можеби бегав од верзијата од себе што повеќе не пулсира. Не затоа што љубовта за празникот исчезна, туку затоа што сретнав друга верзија која не ни замислував дека може да постои. Нешто во мене побара тишина, оддалеченост, простор да дише.
Стравот не го држи животот, не ја сопира вистината. Стравот е невидлив синџир и постои само во твојата глава. Денес, веќе не ги држам тие синџири и токму затоа можам слободно да дишам. Не си поставувам рокови за животот, ниту списоци што ‘морам’ да ги исполнам. Не го мерам пулсот во авион, не го бројам здивот во лифт. Животот престана да биде нешто што треба да се преживее и стана нешто што се живее. А сега знаев дека не бегам, туку конечно се приближувам кон себе.