Сите сме свесни дека времињата се менуваат, секоја генерација носи свој белег и остава своја трага. Но вредностите се она што најмладите го наследуваат од генерацијата пред себе. Затоа прашувам – Какви вредности им оставаме ние на идните генерации? На какви морални вредности и етика ги учиме?
Прво ги учиме дека е во ред да бидеш криминалец. Да, да. Постарите често ќе ми речат „И во наше време се крадеше, но во наше време криминалците не беа почесни гости на масата!“ Сега оние кои крадат и имаат купишта „валкани“ пари се почесни гости. На истите им се дава посебен третман, се третираат како да се подобри од останатите луѓе и се тоа затоа што имаат пари. Тие имаат статус на ѕвезди. Сите ги знаат, што ги прави познати еднакво на она што некогаш беа истакнати уметници, пеачи, писатели, хуманитарци, глумци и луѓе кои навистина направиле и постигнале нешто достојно и вредно. Мотото „ако имаш пари имаш се“ е една од најдлабоко вкоренетите верувања и вредности кои младите го земаат и го носат со себе и се пренесува на оние по нас. Најтажното од се е што не се грешка. Во ова време во кое живееме денес парите дефинитивно се најважни.

Некогаш било срамота да те видат во друштво на криминалец, денес тие криминалци имаат купишта и купишта пријатели. Луѓево се тепаат да бидат дел од нивниот круг, да го добијат и тие тој почесен третман со надеж дека ќе им помогне и нив да направат пари. Да не зборувам за сите девојки кои едвај чекаат да бидат со нив небитно дали во врска, брак, за една вечер или за неколку саати. И најтрагичното е што овие луѓе не важат за криминалци, туку за успешни луѓе газди, бизнисмени, господа…
„Во иднина сите ќе бидат светски познати по 15 минути“ – Овој прославен цитат стана најпознатата изјава на Енди Ворхол и јас сметам дека одлично го опишува времето на погрешни вредности. Ако ги отворите најпознатите социјални мрежи ќе сретнете купишта луѓе кои прават необјасниво глупави, понижувачки, простачки, вулгарни работи само заради слава. И ајде да разберам ако истата слава им носи пари, но најжалосно е што навистина тие го прават сето тоа само за концептот на „15 минути слава.“
Ќе зборувам за она што ми е најблиску мене. Девојките се сликаат разголуваат до степен на порнографија за „лајк“, следачи на Инстаграм и инстант слава. Инстант затоа што ако немаш реална професија и ништо вредно направено, таа слава како што дошла преку ноќ така брзо и ќе си оди или ќе држи до следната атрактивна девојка со голи слики. Јас се уште не разбрав како врвни писатели, уметници, новинари, актери, научници, луѓе кои имаат да кажат нешто ПАМЕТНО имаат едвај 5 000 следачи на Инстаграм, наспроти Драганка од којзнае си каде со голите слики. Истата таа „Драганка“ нема ништо направено во животот ама портали се утепуваат од пишување за неа и ние ја правиме славна. Ние ги правиме глупавите луѓе славни! Порано ќе си направел глупост и било срамота да излезеш од дома, сега таа глупост се прави намерно пред камера за повеќе прегледи и популарност.

Да бидам искрена некако се тешам со соседите од Србија. Среќа не сме се уште стигнати до нивниот левел на „Реалити шоу“ и срамотење јавно пред камера сите да те гледаат. Но тоа не значи дека не оставаме погрешни вредности и не доаѓа генерација која мисли дека тоа е во ред. Дека така треба. Дека тие се луѓето на кои треба да им се восхитуваат и да целат кон тоа и тие да станат познати по било која цена. Таа шунд програма и тоа ѓубре од телевизиска понуда ние го плаќаме и го емитуваме кај нас и истото го гледаме! Порано било срам за телевизијата да емитува нешто такво, да покани човек од таков ранг и калибар да се појави пред камера и да зборува. Денес се најпознати и најчести гости и заради истите тие, луѓе на кои местото им е пред камера, луѓе кои имаат да кажат нешто паметно, истите тие не се појавуваат на ТВ. Еве јас лично да ме седнете до „Драганка“ и да бидеме заедно гости во некоја си емисија не доаѓа во предвид.
Не е дека јас нешто се преценувам себеси или летам во облаци. Но јас вредно работев да станам ова што сум денес. Јас не се разбудив преку ноќ и не направив една „жешка“ фотосесија и оп станав позната. Не. Затоа до „Драганка“ нема да седам и да зборуваме за успешни кариери. Јас не очекувам посебен третаман, за мене сеуште е срамота и секогаш ќе биде срамота да го реметам мирот на луѓето кои исто како мене излегле од дома на вечера или пијачка. Ама еве ја „Драганка“ седната на масата до мене, не престанува да се смее и да зборува најгласно што може и да снима и да слика како да се наоѓа во студио а не на јавно место. Па уште „Драганка“ ми вика да се поместам сум и влегувала во кадар. Какви ти се тие вредности Драганке што ги имаш и што ги носиш?!
Сума сумарум, криминалци со пари и „Драганки“ со празна глава ни се „фаците“ во државава. И никој не ни е крив за тоа освен самите ние. Ние ги направивме важни, славни и релевантни. Ние ги читаме вестите за нив, ние им викаме браво и истите ние креваме телевизиски рејтинг и гледаност на нивните „уметности“. Знам што ви се врти во глава и да ќе го кажам, ние ги гласаме и ние на истите тие им даваме во раце дури и држава да ни водат.