Повторно струја имаат поголемиот дел од 130.000 домови и претпријатија во Сан Франциско, каде што во саботата настана прекин на електричната енергија што предизвика големи пореметувања.
Компанијата Pacific Gas and Electric Co. (PG&E) соопшти дека нејзините екипи ја вратиле струјата за околу 110.000 корисници до 7:00 часот по локално време и дека работат на обнова на преостанатите 21.000 во неколку населби и помали делови од градската зона на Сан Франциско.
Компанијата додаде дека не може да каже кога целосно ќе се обнови снабдувањето со струја.
„Штетата од пожарот во нашата трафостаница беше значајна и обемна, а поправките и безбедната обнова ќе бидат сложени“, се наведува во соопштението на компанијата за комунални услуги.
Пожарот доведе до прекин на струјата. Истражувањето за причините за пожарот и прекинот сè уште е во тек.
Компанијата наведе дека мобилизирала дополнителни инженери и електричари за да помогнат во напорите за обновување на снабдувањето со струја во градот.
„Ова е многу сложен план на работа и ќе бара најголемо внимание за работата да биде безбедна“, додаваат во соопштението, во кое се истакнува дека нема повредени во пожарот.
Прекинот на струјата што се случи околу 13:00 часот во саботата остави голем дел од северниот дел на градот без струја. На крајот, прекинот го засегна околу една третина од сите корисници.
Објавите на социјалните мрежи и локалните медиуми известуваа за масовно затворање на ресторани и продавници и за целосна темнина на улиците во саботата, еден од најпрометните денови во годината пред Божиќ за купување.
Се зaглави и сообраќајот, бидејќи не работеле семафорите, и возилата во центарот на градот стоеле непокретно во гужва.
Одделот за вонредни ситуации на Сан Франциско ги повика граѓаните да избегнуваат непотребни патувања, а возачите да застануваат на секој крстосница како да имаат знак „Стоп“ и да се пропуштаат меѓусебно според правилото кој доаѓа од десната страна има предност.
Vejmo, оператор на такси без возач, ја обустави својата услуга. Многу видеа на социјалните мрежи покажуваат возила на Vejmo кои ја зголемија општата гужва, бидејќи со сите четири вклучени трепкачи застануваа сами насред улиците пред крстосници, затоа што нивните компјутери „не знаат“ што друго да прават кога семафорите ненадејно не работат.