Новата малопродажна цена на еуросупер БС-95 ќе изнесува 75,5 денари за литар, еуросупер БС-98 ќе се продава за 77,5 денари, еуродизел (Д-Е V) за 68,5, а екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 68 денари за литар
Од ноќеска на полноќ горивата ќе се продаваат по нови, намалени цени.
Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), цената на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 се намалува еден и пол денар, додека дизелот ќе се продава за половина денар поевтино во споредба со претходната цена.
Со одлуката, како што информираат од Регулаторна, малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат во просек за 1,64 отсто.
Така, новата малопродажна цена на еуросупер БС-95 ќе изнесува 75,5 денари за литар, еуросупер БС-98 ќе се продава за 77,5 денари, еуродизел (Д-Е V) за 68,5, а екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 68 денари за литар.
Промена има и во малопродажната цена на мазутот М-1 HC, кој од ноќеска исто така поевтинува и ќе се продава по цена од 42,98 денари за килограм.
Како што информираат од РКЕ, референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредна со претходната пресметка кај бензините бележат намалување во просек за 4,119 отсто, кај дизелот за 1,319 отсто, кај екстра лесното масло за 1,572 отсто и кај мазутот намалувањето е за 3,048 отсто.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,0528 проценти.