Земјите членки на Европската Унија се согласија да ги намалат надоместоците за доцнење на авионски летови, откако авиокомпаниите се пожалија на големите финансиски трошоци. Новиот предлог треба да биде разгледан и во Европскиот парламент, каде што е можен дополнителен процес на измени пред евентуално финално усвојување.
Што се менува?
Според актуелните правила, патниците имаат право на надомест до 600 евра за доцнење подолго од три часа – регулатива стара повеќе од две децении. Но, според новиот договор, се предлага воведување на повисоки прагови за исплата на надомест.
Во замена, авиокомпаниите ќе мора да го поедностават сложениот и често нејасен процес за поднесување барање за надомест, бидејќи досега честопати го отежнуваа процесот, нудејќи свои ваучери како алтернатива на паричната исплата.
Подобрување на правата за патници со попреченост
Договорот предвидува и засилени права за патниците со попреченост, додека останатите правила – особено оние што се однесуваат на „вонредни околности“ – остануваат непроменети. Под овој термин обично се подразбираат екстремни временски услови, политичка нестабилност, безбедносни закани или проблеми со контролата на летање. Штрајковите и техничките дефекти, пак, во повеќето случаи не се сметаат за вонредни околности.
Кои компании се засегнати?
Овие правила се однесуваат на авиокомпании регистрирани во ЕУ (на пример Ryanair, регистриран во Ирска), како и на летови што полетуваат од земји од ЕУ или Шенген зоната. По Брегзит, Велика Британија ги задржа сличните правила во своето законодавство.
Правата на патниците за отказани летови, обврските на авиокомпаниите да обезбедат храна, сместување и алтернативен транспорт остануваат непроменети.
Што значи ова за патниците?
Иако правилата важат, нивната примена во пракса често е слаба. Патниците неретко самите мора да најдат сместување или нов лет и потоа да поднесат барање за надомест. Сепак, компаниите обично даваат ваучери за храна на патниците чии летови доцнат.