Настанот е во организација на Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски – „Антево перо“ и Europe House Струга, и ќе собере поети од повеќе генерации кои преку своите стихови ќе оддадат почит на Поповски.
Покрај живите настапи, публиката ќе има можност да ужива и во ретки видео и аудио записи од самиот Анте Поповски, што ќе овозможи поинтимно доживување на неговата поетска мисла и глас.
„Тајнопис“, објавена во 1975 година, е едно од најзначајните дела во македонската книжевност и остави длабока трага во современата поетика. Ова поетско читање има за цел да потсети на богатството на зборот на Поповски и да го зближи новото поколение читатели со неговиот творечки свет.
Организаторите ги покануваат љубителите на литературата, почитувачите на македонската поезија, но и сите кои сакаат да се запознаат со творештвото на Анте Поповски, да присуствуваат и да уживаат во вечерта исполнета со стихови, спомени и културно дружење.