Вечерва во Велестово започнува еден од најголемите и најзначајни поетски фестивали во земјава кој ќе се одржи по 37 пат и на гостите ќе им понуди единствено поетско доживување. Домашните и странски поети ќе бидат вкупно шеснаесет на број, а фестивалот започнува со претставување на поетот во фокус: поетот Андреј Ал-Асади од Македонија.

Ал-Асади е едно од водечките имиња во современата македонска книжевност со неколку објавени стихозбирки и значаен успех зад себе. На фестивалот ќе биде претставена неговата нова поетска стихоззбирка „Рубедо“, а во разговор со Јулијана Величковска ќе биде претставено поопширно и неговото творештво. Тој е застапен во бројни книжевни антологии и преведен на неколку јазици во Европа и светот. Спецификите на поезијата на Ал-Асади се вреднувани од книжевната критика како во Македонија, така и надвор од неа. Неговите книги биле во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ кои ја доделуваат Струшките вечери на поезијата.
На отворањето на фестивалот, освен портретот на Ал-Асади, ќе се случи интернационалното поетско читање „Имаго“ каде ќе читаат поетите гости, и ќе биде претставена изложбата на сликарот Стефан Младеновски во црквата „Успение на Пресвета Богородица“.