Вчера во 21 часот, во село Велестово започна новото издание на интернационалниот поетски фестивал кој викендов собира шеснаесет поети од земјава и светот. Во пријатна атмосфера и голем број гости, фестивалот започна со мал концерт на хармоника на Игор Климовски, а продолжи со разговор со поетот Андреј Ал-Асади и неговата последна поетска збирка.

Во текот на вечерта, гостите од странство учествуваа на интернационално поетско читање каде се претставија со по една нивна песна, а потоа беше отворена изложбата на академскиот сликар Стефан Младеновски која го привлече силно вниманието на присутните.

Вчерашниот почеток на фестивалот во пријатна атмосфера и со бројни гости, ја потврди неговата важност и континуитет кој трае веќе 37 години и е препознаена во национални и интернационални рамки. Денес и утре, програмата продолжува на повеќе локации низ Велестово и Охрид, каде посетителите ќе можат подобро да се запознаат со поезијата и на домашните и на странските поети.

Поетска ноќ во Велестово исто така секоја година е фокусирана на промовирање и поддршка на младите македонски книжевни таленти, со што им овозможува да зачекорат во светот на книжевноста и да почнат активно да работат на своите текстови.