Радмила Петровиќ со „поетроника за млади“ во Јавна соба

На 29 октомври во Јавна соба, најпрогресивната поетеса од Србија Радмила Петровиќ настапува заедно со Оливер Митковски и Андреја Салпе во новото издание на проектот „Поетроника за млади“.

По успешниот уметнички проект „Поетроника“, што со спој на поезија и електронска музика создаде нов сценски јазик, авторите Оливер Митковски и Андреја Салпе го претставуваат своето ново продолжение – „Поетроника за млади“. Настанот ќе се одржи на 29 октомври (вторник) во Јавна соба, со почеток во 20:00 часот.

Проектот има за цел да ги доближи младите до поезијата на еден современ и инспиративен начин – преку музичко-поетски перформанс во кој зборот добива нова звучност, ритам и визуелна динамика. Наместо преку книжевни анализи, младите ќе ја доживеат поезијата како жив, емоционален и ритмичен израз што говори на јазикот на нивната генерација.

Посебен акцент на ова издание е настапот на Радмила Петровиќ, најпрогресивната млада поетеса од Србија, чии дела ја освоија регионалната публика со искреност, хумор и топлина. Со оваа соработка се создава нова уметничка фузија што го проширува концептот на „Поетроника за млади“ и отвора пат за регионална културна размена меѓу младите уметници.

Андреја Салпе, еден од водечките електронски продуценти во земјата, создава звучен пејзаж што ја внесува поезијата во современ контекст, додека Оливер Митковски, актер со препознатлива сценска енергија, ѝ дава на поезијата живост и човечка димензија.

„Поетроника е судир на традицијата и електронската култура – продолжение на поезијата во звук, во движење, во живо присуство. Тоа е моќта на зборот што не се плаши да звучи,“ вели Радмила Петровиќ во пресрет на настапот во Скопје.

Со „Поетроника за млади“, оваа тројка отвора ново поглавје во културната едукација, покажувајќи дека поезијата може да биде современа, заразна и блиска до младите генерации. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Влезниците се достапни по симболична цена од 250 денари на следниот линк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни