Вечерва, 29 октомври 2025 година, со почеток во 20:00 часот во Јавна соба, ќе се одржи ексклузивното издание „Поетроника за млади“ – ново продолжение на уметничкиот проект што со спој на поезија и електронска музика создаде сосема нов сценски израз.
Поетроника, зад која стојат Оливер Митковски и Андреја Салпе, овој пат добива едукативна и регионална димензија. Настанот ќе го обележи гостувањето на српската поетеса Радмила Петровиќ, чија соработка со авторите резултираше со нова уметничка фузија и силна културна размена меѓу младите уметници од регионот.
Проектот произлегува од идејата да ги доближи младите до поезијата, не преку традиционални книжевни анализи, туку преку современо, живо и инспиративно искуство. Преку музичко-поетски перформанс, поезијата се претвора во звучен и визуелен дијалог, блисок на генерацијата што расте со екран, ритам и дигитална култура.
„Поетроника за млади“ не е само настап, туку нов начин на културна едукација – форма што ја спојува уметноста, технологијата и младинската енергија во една креативна целина.
Настанот е отворен за публика, а организаторите ги покануваат сите љубители на поезијата, музиката и новите сценски експресии да бидат дел од ова необично културно доживување.