ПОЕТРОНИКА, музичко-поетскиот проект на Андреја Салпе и Оливер Митковски, ќе настапи со нови аранжмани инспирирани исклучиво од делата на Ацо Шопов, еден од најзначајните македонски поети и темелници на современата македонска книжевност. Настанот ќе се одржи во алтернативен простор – фоајето на Македонски народен театар, каде што публиката ќе има можност да ја доживее поезијата надвор од класичната сценска форма, во интимна и предновогодишна атмосфера.
Перформансот е замислен како синтеза на музика, поезија и простор, при што стиховите на Шопов добиваат ново звучно и емоционално читање. Паралелно со музичко-поетската изведба, фоајето ќе биде трансформирано во поетска инсталација со банери на кои ќе бидат испишани стихови и цитати, исечоци од весници, корици од книги, фотографии и уметнички портрети што го следат животот и творештвото на поетот.
Настанот има за цел да понуди современо читање на поезијата на Ацо Шопов и да го доближи неговото дело до нови генерации публика, преку експериментален пристап кој ги спојува звукот, зборот и визуелната меморија. Реализацијата е поддржана од Фондација Ацо Шопов, која континуирано работи на афирмација и актуелизација на неговото книжевно наследство.
Поради специфичниот простор и концептот на настанот, бројот на билети е ограничен.
