Тим научници од Универзитет во Тренто можеби ги пронашол првите докази за подземен тунел под површината на Венера. Според студија објавена во Nature, станува збор за лава-тунел формирана од древна вулканска активност.
Истражувачите анализирале радио-податоци собрани за време на мисијата Magellan, која од 1990 до 1992 година ја мапираше површината на Венера со помош на радар со синтетичка апертура.
При анализа на снимките биле забележани знаци на локализирано уривање на површината во близина на вулканот Nuks Mons, што укажува на постоење на празен подземен лава-тунел. Според проценките, тунелот е широк околу еден километар, со свод дебел приближно 150 метри и внатрешна шуплина висока најмалку 375 метри.
Лава-тунелите се формираат кога базалтната лава со ниска вискозност продолжува да тече под веќе зацврстената површина, создавајќи подземни празнини. На Земјата и Марс вакви структури веќе се познати, но ова би било прво откритие од ваков тип на Венера.
Научниците долго време претпоставуваа дека интензивната вулканската активност на Венера можела да создаде обемна мрежа подземни тунели. Густата атмосфера на планетата досега го отежнуваше директното набљудување.
Еден од авторите на студијата, професорот Лоренцо Бруконе, посочува дека откритието е значајно бидејќи овозможува потврда на теории кои со години постоеле само како хипотеза.
Истражувачите наведуваат дека се потребни нови радарски снимки со повисока резолуција кои ќе можат да продрат под површината за да се утврди дали постојат и други вакви структури.
Идните мисии како VERITAS на НАСА и EnVision на Европската вселенска агенција, планирани за лансирање околу 2031 година, би можеле да дадат подетални информации за внатрешноста на Венера и нејзината вулканска историја.