Научниците открија метод за „подмладување“ на имунолошкиот систем

Истражување на MIT и Харвард покажува дека со помош на mRNA-терапија може привремено да се обнови производството на клучни имунолошки клетки кај стареењето

Со текот на годините, имуниот систем постепено ја губи својата ефикасност, што го прави организмот поподложен на инфекции, хронични болести и малигни заболувања. Научници сега тврдат дека откриле нов пристап што би можел привремено да ја обнови една од клучните функции на имунитетот и да го „подмлади“ неговиот одговор кај повозрасните лица.

Истражувањето е спроведено од тим научници од Брод институтот при MIT и Харвард, а резултатите се објавени во престижното научно списание Nature.

Улогата на тимусот и Т-клетките

Фокусот на истражувањето е тимусот – мал орган сместен зад градната коска, кој игра централна улога во развојот на Т-клетките. Овие клетки се клучни „чувари“ на имуниот систем, задолжени за препознавање и уништување на инфекции, вируси и туморски клетки.

Но, уште во раната зрелост, тимусот почнува да се намалува и постепено ја губи својата функција. Како резултат, производството на нови Т-клетки опаѓа, а имуниот систем станува послаб.

Во експерименти спроведени врз глувци, научниците успеале да го „пренаменат“ дел од црниот дроб да ја преземе функцијата на тимусот, испраќајќи молекуларни сигнали кои го поттикнуваат создавањето на нови Т-клетки.

„Како што старееме, имуниот систем почнува да слабее. Сакавме да видиме дали постои начин таа заштита да трае подолго“, вели невронаучникот Мирко Фридрих од MIT.

mRNA-терапија преку црниот дроб

Научниците најпрво ги споредиле имунолошките системи на млади и стари глувци и идентификувале три клучни сигнални протеини (DLL1, FLT3-L и IL-7) чијашто концентрација значително опаѓа со возраста. Овие протеини се неопходни за развојот и одржувањето на Т-клетките.

Потоа развиле терапија базирана на mRNA, која му „дава инструкции“ на организмот да ги произведува токму овие протеини. Третманот бил повеќепати инјектиран директно во црниот дроб на постари глувци.

Црниот дроб бил избран како целен орган бидејќи има голем капацитет за производство на протеини дури и во поодмината возраст, а истовремено е лесно достапен за ваков тип терапија.

Охрабрувачки резултати – но со ограничувања

По четиринеделен третман, кај глувците било забележано значително зголемување и поголема разновидност на Т-клетките. Имунолошкиот систем посилно реагирал на вакцинација и поефикасно се борел против тумор клетките што претставувало доволен индикатор за „подмладениот“ имунитет.

„Нашиот пристап е синтетички – ние инженерски го тераме телото да го имитира лачењето на тимусот“, објаснува научникот Фенг Жанг од MIT.

Важно е што ефектот од терапијата бил привремен, што го намалува ризикот од прекумерна стимулација на имунолошкиот систем – состојба која може да доведе до воспаленија или автоимуни реакции.

Следниот чекор: дали е возможно кај луѓето?

Иако резултатите се охрабрувачки, истражувањето сè уште е во рана фаза и засега е тестирано само на животни. Претходни обиди за стимулирање на производството на Т-клетки кај луѓето честопати биле проследени со несакани ефекти.

Сепак, научниците веруваат дека пристапот преку црниот дроб може да претставува побезбедна и поефикасна алтернатива. Во наредниот период, тие планираат да го тестираат методот кај други животински видови и да ја испитаат неговата применливост кај луѓето.

„Ако можеме да обновиме нешто толку суштинско како имуниот систем, можеби ќе им помогнеме на луѓето да останат здрави подолго во текот на животот“, заклучува Жанг.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни