Според обвинението, Коми дал лажен исказ пред Конгресот во септември 2020 година, кога сведочел за тоа дали дозволил протекување на доверливи информации кон медиумите.
Веста доаѓа само неколку дена по повикот на претседателот Трамп до министерката за правда, Пем Бонди, да води поагресивни истраги против неговите политички противници, меѓу кои и Коми, пренесе BBC.
По објавата за поднесување на обвинението, Трамп реагираше на својата социјална мрежа Truth Social со изјава дека „правдата конечно стигнала во Америка“ и го нарече поранешниот директор на ФБИ „еден од најлошите луѓе што таа држава некогаш ги познавала“, јави Франс прес.
Трамп го отпушти Коми од функцијата директор на ФБИ во 2017 година, во време кога тој водеше истрага за сомнежи за странско мешање во претседателските избори и првиот мандат на Трамп (2017–2021). Тогаш, Трамп го обвини дека лажел пред Конгресот.
Истрагата против Коми ја води Линдзи Халиган, американска обвинителка за источниот округ на сојузната држава Вирџинија, која до неодамна беше лична адвокатка на Трамп и во понеделник ја презеде новата функција.
„Овие обвиненија претставуваат нарушување на јавната доверба на исклучително високо ниво“, изјави Халиган во соопштение. Таа додаде дека, доколку Коми биде прогласен за виновен, му се заканува казна до пет години затвор.
Извор: N1info.rs