Подгответе го детето да се врати во училиште

Враќањето во училиште се ближи, а со тоа доаѓа и стресот и вознемиреноста кај родителите и децата. Добрата вест е дека малку планирање може да ја олесни подготовката, вели семејниот терапевт Гајане Арамјан.

„Во текот на летото, самите родители ги кршат правилата. Знам затоа што и јас гледам телевизија повеќе од вообичаено. Но, пред да започне школската година, подготовката и рутината се клучни“, вели таа.

Еве три совети што таа им ги дава на родителите кои сакаат да ги подготват своите деца за успешно враќање на училиште:

Почнете да ја менувате утринската рутина неколку недели однапред
Ако одеднаш почнете да го терате вашето дете да легне порано или да го намали гледањето телевизија, можете да го збуните и да го натерате да се чувствува како да го казнувате.

„Треба однапред да му ги објасните промените на детето. Започнете ги промените две до три недели пред да започне училиштето. Почнете да го будите детето порано, изберете облека за новиот ден претходната вечер, наградете го детето кога ќе ги заврши сите задачи “, советува Арамјан за CNBC.

Ако вашето дете започнува прво одделение, можете да набавите книга која на забавен начин ќе опише што да очекувате од новата рутина.

Скратете ја анксиозноста од разделување
Според Stanford Medicine, скоро сите деца на возраст од 18 месеци до три години имаат одредено ниво на анксиозност од разделување. Повеќето деца го надминуваат, но околу 3 отсто од нив го доживуваат во основно училиште, покажуваат податоците на Детската болница во Филаделфија.

„Тоа е нормален дел од развојот на детето. Кога ќе го однесете вашето дете на училиште, кажете му дека ќе го земете. Дури и ако изгледа очигледно, важно е да го кажувате секој ден“, забележува Арамјан, а советува да не ја проектирате вашата вознемиреност врз детето.

„Ако плачете, ќе плаче и детето“, додаде таа.

Влевајте доверба во вашето дете, дури и кога ќе згреши
Притисокот за успех во училиште може да биде стресен за децата. Затоа Арамјан апелира до родителите да се обидат да му влеат доверба на детето, дури и кога тоа прави грешки.

„Разговарајте со детето за тоа што го мачи, со што се бори. Прашајте го како можете да му помогнете. Самодовербата е покорисна од ‘сите петки’“, тврди терапевтката.

Националната асоцијација за образование на САД во една статија од 2017 година изјави дека учениците имаат поголема веројатност побрзо да апсорбираат материјал, да научат да разбираат, да бараат помош и да зборуваат пред класот кога се самоуверени.

Извор: index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни