Подготовките за избор на нов папа се во полн ек, а исходот е понеизвесен од кога било досега, бидејќи за многумина од кардиналите кои ќе учествуваат во конклавата, ова ќе биде првпат да гласаат за папа.
Во конклавата што ќе се одржи наредната недела во Сикстинската капела ќе учествуваат 135 кардинали кои ќе го изберат наследникот на папата Франциско, пишува денес Гардијан.
Голем дел од кардиналите што ќе гласаат се именувани токму од папата Франциско во последните 12 години, а дури 20 кардинали добија кардиналски статус дури во декември минатата година.
Како што пренесува Гардијан, многу од кардиналите никогаш претходно не се сретнале меѓусебно. Пред официјалниот почеток на конклавата, веќе се водат разговори и неформални лобирања по ходниците, трпезариите и градините на Ватикан.
Познавачите на внатрешните состојби на Ватикан велат дека над 20 кардинали се сметаат за потенцијални кандидати за понтифик.
Сепак, само мал број се сметаат за водечки кандидати кои можат да издржат повеќе кругови на гласање.
Гардијан потсетува дека и Хорхе Марио Бергољо (папата Франциско) во 2013 година не беше меѓу фаворитите, но сепак на крајот беше избран за поглавар на Римокатоличката црква.
Конзервативци vs. прогресивци
Меѓу кардиналите кои се очекува да поддржат конзервативен наследник на Франциско се Американецот Рејмонд Берк, познат поддржувач на претседателот Доналд Трамп, и Германецот Герхард Милер.
Во таборот што ќе го поддржи прогресивниот кандидат се кардиналите Жан-Клод Холерих од Луксембург, Тимоти Редклиф од Англија и Мајкл Черни од Канада.
Папата Франциско именуваше околу 100 од вкупно 135 кардинали што ќе учествуваат во изборот. Тој инсистираше на вклучување на претставници од мали католички заедници како што се Иран, Алжир и Монголија.
Исто така се трудеше да ја намали старосната граница – седум кардинали именувани во декември се помлади од 60 години.
Во 2013 година, над половина од кардиналите во конклавата беа од Европа, додека денес тој процент изнесува 39%. Азиските кардинали сочинуваат 18%, исто колку и оние од Латинска Америка и Карибите, а 12% се од подсахарска Африка.