Подгорица под полициски надзор по нападот во Забјело: тензии и страв на улиците

По уличниот напад во населбата Забјело, Подгорица живее под полициски надзор, етнички тензии и политичка криза што се претвори во дипломатско прашање меѓу Црна Гора и Турција.

Подгорица последниве денови e град под полициски надзор и политички немир. По уличното прободување во населбата Забјело, каде што според полицијата млад Црногорец бил нападнат со нож од еден азербејџански и еден турски државјанин, улиците се претворија во сцена на колективен одговор.

Прво дојдоа рациите, потоа реваншизмот – а на крај стравот. Црногорската полиција уапси и задржа десетици странски државјани, главно Турци и Азербејџанци, додека групи мажи маршираа низ градот со ксенофобични слогани, уништувајќи автомобили и локали во турска сопственост. Дел од снимките од улица се веќе објавени на социјалните мрежи, каде што дел од граѓаните зборуваат за „војна со мигрантите“.

Официјалниот одговор на државата беше двоен – сила и контрола. Полицијата информираше дека се приведени најмалку осум лица под сомнение за поттикнување национална и верска омраза, насилно однесување и физички напади врз турски државјани. Меѓу нив има и осомничени кои на социјалните мрежи повикувале на насилство, како и лица кои учествувале во нападите во Забјело. Според полицијата, кај некои од нив биле пронајдени факли, фантомки и палки, подготвени за уличен линч.

Истовремено, властите најавија „тотален надзор“ – поставување камери и дронови, проверки на документи, протерувања и забрани за престој. Само за една ноќ биле преземени 55 мерки против странски државјани, вклучително прекршочни налози, протерувања и укинување на дозволи за престој. Во истата акција биле приведени околу 45 турски и азербејџански државјани, што во Турција беше протолкувано како сигнал дека нивните граѓани се под масовен притисок.

Најсимболичниот потег, сепак, беше политички. Владата на премиерот Милојко Спајиќ соопшти дека привремено го суспендира безвизниот режим за турските граѓани. Формалното образложение беше „мерка за стабилност и безбедност“, со цел намалување на приливот на посетители во момент на зголемени тензии. Истовремено, официјална Анкара испрати порака дека ситуацијата внимателно се следи и дека е во директна комуникација со Подгорица за заштита на турските државјани.

Она што Црна Гора го живее деновиве има два паралелни аспекти — општествен и институционален. Од една страна, се создава атмосфера во која колективното казнување се претставува како правда, каде етничката припадност станува поважна од доказот, а повиците „Турците надвор“ звучат како осуда без суд. Од друга страна, државата како членка на НАТО и земја-кандидат за ЕУ мора да покаже дека владеењето на правото стои над националните импулси. Привременото укинување на безвизниот режим за турските државјани е симболичен потег со двоен ефект – внатрешно сигнал за контрола, а надворешно порака за стабилност и смиреност.

Сликата што излегува од Подгорица е алармантна за целиот регион. Еден инцидент е доволен за да се отвори простор за страв, омраза и поделби. Полицијата најавува употреба на технологија за следење, но зад неа стои суштинско прашање – дали институциите ќе ја спречат толпата да стане судија.

Во држава што се стреми кон Европската унија, ова е тест за зрелост: дали правото ќе остане посилно од реваншизмот, и дали национализмот ќе се препознае како закана, а не како патриотизам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни