Поддршката за жените и ЛГБТИ+ луѓето мора да се покаже јавно и гласно – сега е невидлива и затоа меурот на омразата расте

Ако сте верувале дека новите медиуми и можности за комуникација понудени на глобалната мрежа придонесуваат за космополитизирање на различните заедници, за создавање култура на толерантност и за хуманизација на човековиот род, големи се шансите во моментов да сте разочарани.

Новата „Интернационала“ која е најгласна на интернет не е прогресивна, не е инклузивна, не е хуманистичка… Не дека демократите и прогресивните исчезнаа, но тие се сѐ потивки и помалку организирани во јавната интернет сфера. Затоа сведочиме јакнење на свет во кој сè повеќе се забораваат и потиснуваат еманципаторските придобивки постигнати после Втората светска војна, а наместо нив доминираат конзервативни, ксенфобични, мизогини и хомофобични вредности.

Меурот може да се пробие само со организирана гласност

Алгоритмите на големите социјални платформи се склони кон создавање „меури на корисници“ по правилото: исто привлекува исто. Така, согласно со нашите интереси, темите и страниците кои ги „лајкаме“, интернет адресите кои ги кликнуваме, музиката која ја слушаме, алгоритмите нè ставаат во виртуелни заедници – меури (bubbles) на луѓе со исти или слични вредности и интереси. Колку повеќе луѓе во меурот, толку помоќна станува таа заедница. Се зголемува продукцијата на содржини за членовите на „меурот“, се привлекуваат средства за рекламирање на и во заедницата, се придобиваат нови членови. Одеднаш, дотогаш опскурните и затворени субкултури се обединуваат во нова доминантна култура чие погонско гориво останува интернет просторот и манипулацијата со него.

Ние во редакцијата на Трн.мк се потрудивме, да видиме какви реакции предизвикуваат темите кои нè интересираат и на кои твориме надвор од „нашиот меур“ и да со помош на вeштачка интелигенција и напреден софверски јазичен модел да направиме анализа на реакциите и коментарите кои на социјалните мрежи ги предизвкуваат нашите содржини посветени на темите поврзани со правата на ЛГБТИ+ лицата и жените.

Најпрво создадовме низа содржини со кои се трудиме да ја зајакнеме општата свесност за правата и потребите на ЛГБТИ+ лицата и жените, за теоретската позадина на феминизмот, за практичните состојби и појави во кои живеат овие луѓе. Ги причекавме реакциите и коментарите на социјалните мрежи и ги подложивме на анализа од страна на моделот на вештачка интелигенција.

Потребни се онлајн содржини кои ги промовираат приказните и искуствата со кои се соочуваат жените и ЛГБТИ+ лицата

Анализирајќи ги коментарите кои се добиени на социјалните мрежи на содржини посветени на еднаквоста и човековите права, се забележува негативен сентимент, навредлив јазик и дискриминаторска реторика кон ЛГБТИ+ заедницата и застапниците за феминизам.

Овие резултати укажуваат на сериозна потреба од промоција на толеранција и борба со говорот на омраза. Потребни се креативни едукативни содржини за да се појаснат правата и проблемите со кои се соочуваат ЛГБТИ+ лицата и жените, но потребни се и трибини или панел дискусии, односно што е можно повеќе онлајн подкасти со професионалци кои ќе разјаснуваат дека хомосексуалноста не е болест, дека говорот на омраза е штетен и дека парадата не е „промоција“, туку видливост за проблемите со кои се соочуваат овие лица.

Од друга страна, потребна е и промоција на позитивни приказни, да се слушнат искуствата на ЛГБТИ+ луѓе и жени-активистки за да се разбере нивното секојдневие. Потребни се прикази на успешни примери, за да се покаже дека има решенија и дека постојат добри практики.

Потребна е поголема гласност од и за обесправените бидејќи според нашата анализа огромно мнозинство од коментарите на објавите на социјалните мрежи поврзани со овие теми добија коментари со негативен карактер, често вклучувајќи говор на омраза, навреди и дискриминаторска реторика, пред се за ЛГБТИ+ лицата и застапниците за феминизмот. Чести изрази кои се користеа за да се навредат овие групи беа „ретардирани“, „луди“, „гадови“, заедно со поексплицитни вулгарности. А, не изостануваат и повиците за насилство во кои се повикува на линч, убиства и мачење.

Значително помал дел од коментарите се со неутрална содржина и со познатото „Јас немам проблем со хомосексуалците, но…“, пред да се искаже став против Парадата на гордоста. За жал, коментарите кои ги поддржуваат ЛГБТИ+ и феминистките се навистина ретки. Тоа не значи дека поддршката не постои, туку дека оние кои сеат омраза се погласни и повеќе коментираат.

Иако религијата повикува на мир и љубов, често е користена како параван за линч против различните

Тоа што се истакнува и што е контрадикторно покрај омразата, навредите и повиците за насилство е што најчестото оправдување за негативниот став кон ЛГБТИ+ лицата се базира на религијата. Значаен дел од коментарите се повикуваат на нивните религиски верувања како причина да бидат против правата за ЛГБТИ+ лицата и феминизмот. Помеѓу најчесто користените зборови во коментарите се „Господ“, „антихрист“ и „грев“.

Иако сите религии повикуваат на мир и љубов, сепак, тие кои се повикуваат на религијата за да бидат против правата на ЛГБТИ+ лицата или за промоција на феминизмот, користат насилна реторика, експлицитно повикувајќи на насилство со загрижувачки пораки како „Треба да бидете линчувани“ или „Хитлер бил во право“.

Освен повиците за насилство, во коментарите се забележува и стигматизација на ЛГБТИ+ лицата опишувајќи ги како „ментално болно“ или „пореметени“.

Најчестите коментари против Парадата на гордоста се во насока дека ЛГБТИ+ заедницата веќе има права и поради тоа нема потреба од парада, намалувајќи ја важноста на видливоста и напорите за застапување за подобрување на ситуацијата за оваа заедница.

Кога од ВИ моделот побаравме еден сумарен коментар од анализата на коментарите го добивме следниот резултат:

Коментарите околу парадата на гордоста и феминизмот се претежно негативни и содржат навредлив или дискриминаторски говор, често поткрепени со верски, конзервативни и патријархални ставови. Во многу од нив се негира потребата од парада или се тврди дека ‘веќе имате права’, додека истовремено постојат коментари што навредуваат и повикуваат на насилство кон ЛГБТИ+ луѓето. Мал број гласови забележуваат дека агресивноста на мнозинството покажува дека парадата е всушност неопходна. Повиците за толеранција или директна поддршка се минимални, па најчестиот тон е отворена омраза, или исмејување.

Интернетот нуди безброј можности за да дадеме гласност на прифаќањето на различностите и да ја осудиме омразата

Сведочиме процут на ера на бескрајни можности на интернет комуникација и огромни, јавно достапни бази на податоци кои целото човеково знаење го прават достапно на начин кој беше практично невозможен пред само дваесеттина години. Социјални мрежи кои овозможуваат инстант вмрежување на интересни заедници и создавање на меѓународни (и интерконтинентални) субкултури кои совршено сурфаат на глобалната достапност на видео и пишани содржини ширејќи ги своите идеи и погледи на светот, и создавајќи нови „online“ ѕвезди – апостоли на „новата ера“ на масовни комуникации.

Очигледно е дека постои  сериозна потреба од промоција на толеранцијата и борба со говорот на омраза. Потребни се креативни едукативни содржини за да се појаснат правата и проблемите со кои се соочуваат ЛГБТИ+ лицата и жените, но потребни се и трибини, или панел дискусии со професионалци кои ќе разјаснат дека хомосексуалноста не е болест, дека правата на жените не треба да зависат од волјата на мажите,  дека говорот на омраза е штетен и опасен, а Парадата не е „промоција“, туку видливост за проблемите со кои се соочуваат овие лица.

Користењето на ВИ е секако иновација и алатка која ќе ја користиме сè повеќе, но реалната промена кон подобро, кон унапредување на сите права за сите луѓе – секако зависи од состојбата на духот на човечките битија и од политичката волја на нивните лидери за создавање на свет во кој технологијата ќе биде во функција на хуманизација на човековите култури, а не алатка за вмрежување и координирање на заедници базирани на омраза и исклучивост. Трн.мк од самото формирање е портал на кој се негува слободната мисла и на кој се застапуваат идеите на слободата и еднаквоста.

Во дигиталниот свет, наша цел е да овозможиме простор за слободно претставување на гласовите на оние кои творат, на оние го гледаат „светот како поле за културен натпревар меѓу народите“. Простор за оние кои се во малцинство, кои мислат поинаку и кои сè уште го чекорат патот кон остварување на правата и слободите за заедниците во кои припаѓаат , во општеството во кое живеат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни