ПОД ЗЕМЈА ПОЛЕСНО СЕ ДИШЕ – ФЕСТИВАЛ ЗА ВИЗУЕЛНА СЛОБОДА ВО ЈАВЕН ПРОСТОР

Тоа што ми се допаѓа е креативноста на луѓето кога се симнуваат во подземјето. А исто и храброста. Не само на учесниците туку и на публиката. Годинава се запознав со двајца турци кои случајно го имаа најдено местото. Кога ги прашав што ги привлекло да дојдат да го посетат фестивалот, ми одговорија: првично музиката, второ темницата. Откако собрале храброст да влезат внатре во гаражите се изненадиле од тоа што виделе. За мене тоа е магијата на фестивалов. Во јавно место, ходник кој никој не го ни забележува за една вечер, само за 4 саати се претвара во простор на слободното изразување, игротека за уметниците и најважното место за љубителите на алтернативната сцена. А тоа е само еден ходник.

Претстава, изложба, настапи на нови бендови, видео и звучни инсталации, скулптури, беа дел од програмата на фестивалот „Под земја полесно се дише“ што деветти пат го организира културниот центар „Кула“.

„Под земја полесно се дише е ( самофинансиран ) мултимедијален фестивал кој што се одржува еднаш годишно, ( со пауза за време на короната ) веќе 9 години по ред. Секоја година се одржува на истото место, во подземните гаражи под Плочник. Оваа година петнаесет уметници и три музички бендови ги презентираа своите дела. Публиката можеше да проследи перформанси, да слушне свежа музика, да види видео проекции, разни уметнички дела и да дише културно прочистен воздух“, вели Бранкица Јордановска, дел од културниот центар Кула.

Трн: Од кога се формира и како се формира оваа неформална група уметници:

Бранкица: Оваа група луѓе  се запозна и функционира уште од факултетските денови. На почетокот имавме изнајмено простор во старата скопска чаршија кој го користевме како индивидуални ателјеа, но сепак со заеднички двор во кој се разменуваа идеи и мислења за колективни  делувања и проекти преку кои сакавме градот да го направиме едно подобро место за живеење. Во една таква креативна дискусија сфативме дека иако сме собрани голем број на уметници на едно место, немаме простор каде што можеме да ги изложиме нашите дела. Така се роди идејата за настанот  “Под земја полесно се дише”. Првото издание на фестивалот се случи во 2013 година. Веднаш потоа го изгубивме просторот во Чаршија и решивме заедно да побараме нов простор во кој се формализиравме како колектив Кула. Така и настана алтернативниот културен центар Кула, кој се наоѓаше во центарот на Скопје, во Ново Маало на потегот помеѓу ГТЦ и Олимписки базен. Колективот  Кула е збир на уметници, музичари и ентузијасти кои имаат цел да го разбудат креативниот дух на градот и да ја реанимираат независната уметничка сцена.

Во организација и дел од овој фестивал се јавува и уметникот Сали Ертунч кој вели дека овој фестивал е еден вид бунт за вистинските начела на уметноста.

Трн: Која е идејата зад овој фестивал?

Бранкица: Идејата за фестивалот “Под земја полесно се дише” дојде од нашата потреба да се изразиме во неинституционален простор бидејќи институциите во тој момент не ни дозволуваа да ги исполниме нашите амбиции, желби и барања. Така се потрудивме, сфативме и одлучивме дека можеме и самите тоа да го направиме. Бегајќи од загадениот воздух и загадениот институционален простор, сфативме дека под земја полесно се дише. Од таму е и идејата за името на фестивалот.

Сали: Иако името во своја буквална смисла е премногу темна, а со својата приказна па многу инспиративна, додека со своето мета значење е слободоумна! Додека просечниот граѓанин за името може да не проколни, маргинализираните луѓе да нѐ разберат, а уметниците ќе го слават!

Ликовната програма беше исполнета со дела на: Ангела Бошевска, Бурџу Мусли, Дамјан Јанкоски, Ертунч Сали, Ивана Самандова, Ивона Петрова, Кристијан Јованоски, Крсто Анастас Глигорјадис, Наташа Неделкова, Самир Карахасан, Сања Симоска, Сара Милошевска, Сашо Алушевски, Сергеј Калеников и Христина Крстеска.

Трн: Што значи за тебе како уметник овој фестивал?

Сали: Секоја година е подобра од другата и секоја година овој фестивал е оргинален сам по себе. Тоа што ми се допаѓа е креативноста на луѓето кога се симнуваат во подземјето. А исто и храброста. Не само на учесниците туку и на публиката. Годинава се запознав со двајца турци кои случајно го имаа најдено местото. Кога ги прашав што ги привлекло да дојдат да го посетат фестивалот, ми одговорија: првично музиката, второ темницата. Откако собрале храброст да влезат внатре во гаражите се изненадиле од тоа што виделе. За мене тоа е магијата на фестивалов. Во јавно место, ходник кој никој не го ни забележува за една вечер, само за 4 саати се претвара во простор на слободното изразување, игротека за уметниците и најважното место за љубителите на алтернативната сцена. А тоа е само еден ходник.Втората работа за фестивалов е тоа дека се дава простор за еволуција на уметничките дела од неиспланирани фактори. Оваа година иако немаше такви дела, на 8-та едиција неколку дела го оставија својот впечаток на фестивалов. Тие излегоа од својата експозитурна улога и станаа дел од атмосферата охрабрувајќи ја публиката за учество. Оваа година делата беа различни – многу различни – скулптури, објекти, инсталации, слики, итн. И тоа креираше атмосфера забавна за сечиј вкус.

Кристијан Јованоски годинава беше прв пат дел од овој фестивал и изјави дека целиот настан го доживеал како целосна слобода на уметникот како никогаш дотогаш.

„Целиот настан беше едно ново искуство за мене во кое се чувствував сосема слободно, меѓутоа и комплетно невообичаено од аспект на просторот кој е јавен и од аспект на играта со темнината, светлината. Сѐ беше одлично организирано и радо би учествувал повторно на овој фестивал. Секако беше одлично искуство за мене, како уметник и како можност да се изразам сосема слободно, без никакви ограничувања“.

Следната година овој фестивал ќе доживее десетто издание и кулашите најавуваат дека „ЌЕ РОКА“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни