Интервју со Катарина Илиевска Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци

Под слоганот „Сè е твое“, фестивалот „Игор Маџиров“ им го отвора светот на децата

Третото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров” ќе се одржи од 1 до 5 октомври 2024 година, под мотото „Сè е твое”, инспирирано од писмото на Горан Стефановски до неговата внука Калина. Оваа година, фестивалот ќе донесе новини во програмата, опфаќајќи куклени претстави, детски играни претстави и претстави за млади над 10 години. Настанот е организиран од Театарот за деца и младинци, а дизајнот на фестивалот е дело на Иван Петрушевски.

Поразговаравме со директорката на Театарот за деца и младинци, Катарина Илиевска Силјановска, која ни откри повеќе за овогодинешната програма, пораките на фестивалот и важноста на театарот за младата публика.

Трн: Оваа година фестивалот е малку поинаков. Кои се главните промени и новитети?

Катарина: Оваа година решивме фестивалот да биде од поширок домен, со повеќе различни содржини. Покрај куклените претстави, вклучивме и детски играни претстави, како и претстави за млади над 10 години. Не се разликува многу од претходните две изданија во однос на концептот, но се разликува по обемот на претставите, како и по големината и квалитетот на самите претстави. Секоја година се трудиме да одбереме се поквалитетни и поквалитетни претстави, и верувам дека и оваа година нема да ги разочараме посетителите.

Трн: Што означува годинешниот слоган „Сè е твое“?

Катарина:Слоганот „Сè е твое“ е всушност заклучок од песната на Горан Стефановски, посветена на неговата внука Калина. Целата песна ќе биде прочитана на отворањето на фестивалот, а „Сè е твое“ е една крајна сентенца која ја извлековме како наша главна порака за ова издание.

Трн: Какво значење има фестивалот за развојот на детската театарска продукција и за младата публика?

Катарина:Фестивалот има огромно значење, и тоа го делиме сите ние кои со ентузијазам го организираме. Навистина е важно да ја развиваме љубовта на детската и младинската публика кон театарот. Тие треба да научат да уживаат во новите и квалитетни претстави, како оние кои можеме да ги видиме на Балканот, така и во останатите делови на светот. Секоја претстава носи некаква поука која може да допре до младите, а тоа е нешто многу важно за нивниот развој.

Трн: Како се бираат претставите за фестивалот и кои се критериумите за селекција?

Катарина:Оваа година имаме нов селектор, Драгана Милошевска Попова, која целосно ја презеде програмата и одлучуваше за секоја претстава. Критериумот е едноставен – висок квалитет и поука што ќе допре до младите. Имаме претстави за сите возрасти, почнувајќи од најмалите, како француската претстава за деца, до претстави за млади над 10 години кои се со поголема тежина, како онаа која говори за развод на родителите.

Трн: Можете ли да ни кажете повеќе за работилниците?

Катарина: Годинава на ФДУ ќе се одржи мастерклас од нашиот колега од Чешка, Јакоб Максимов, кој ќе одржи час за студентите и сите заинтересирани за работа со кукли и предмети. Тоа е нешто што е многу модерно во светот на детската уметност. Да оживееш предмет, без разлика дали е вистинска кукла или не, е уметност. Тој ќе го пренесе своето знаење за тоа како се прави добра куклена претстава.

Исто така, планираме и трибина на тема како приватен театар да прерасне во општински или градски театар, како да се развие еден независен театарски проект и како локалните власти да препознаат и поддржат квалитетот. Бидејќи сме членка на АСИТЕЖ, светската организација што поддржува детски театри, ќе разговараме и за актуелностите во светот на театарот за деца.

Трн: Кои се најистакнатите претстави на овогодинешниот фестивал?

Катарина: Оваа година го отвораме фестивалот со претстава од Франција, што е за прв пат фестивалот да се отвори со странска претстава. Ќе имаме гости од Лутковно гледалиште од Љубљана, од Србија, Хрватска, Италија, Турција, како и младинска претстава од Нови Сад. Завршуваме со нашата претстава „Франкенштајн“, која ќе биде големо затворање на фестивалот.

Трн: Која е главната порака на фестивалот?

Катарина: Пораката на ова издание е дека светот на децата е безграничен и отворен за нив. Тие не треба да имаат предрасуди или да гледаат на работите како црно и бело. Сè е нивно – само треба да го изберат она што е добро и да го развиваат тоа понатаму во животот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни