Почнува Велигденскиот пост: Правила и обичаи во седумте недели на постот

Велигденскиот пост трае 48 дена и е најстрогиот пост во православната традиција. Преглед на правилата, неделите и обичаите за време на постот.

Денес започнува Велигденскиот пост, најдолгиот и најстрогиот пост во православната традиција, кој трае 48 дена и завршува со празникот Воскресение Христово. Овој пост се нарекува и Велики поради неговото значење, но и Чесен, бидејќи го опфаќа периодот на страдањата на Исус Христос. Секогаш започнува во понеделник, а првата седмица се нарекува Чиста недела.

Според обичајот, во текот на Чистата недела се чисти домот и се започнуваат важни работи, со верување дека ќе бидат успешни. Втората седмица, позната како Пачиста, се пости на вода од понеделник до петок, додека за викенд е дозволена храна подготвена на масло.

Третата недела е Крстопоклона, кога верниците му се поклонуваат на Чесниот крст и се повикуваат на духовна воздржаност. Четвртата, Средопосна недела, е време за смиреност, воздржување од лоши зборови и посветеност на работа и молитва.

Петтата седмица се нарекува Глува недела и е период на тишина и покајание, кога не се одржуваат веселби и забави. Шестата недела, Цветна, е поврзана со природата и обичајот на плетење венчиња од врбови гранчиња. Седмата, Страдална недела, се поминува во строг пост, молитва и духовна подготовка за најголемиот христијански празник.

Во текот на целиот пост се препорачува постење на вода, освен во сабота и недела кога е дозволено масло и вино. На празниците Благовештение и Цветници е дозволена и риба. Многу верници традиционално постат особено во првата и последната недела. Целта на Велигденскиот пост е духовно прочистување, покајание и простување, со цел достојно да се пречека Воскресението.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни