Француската актерка и пејачка Брижит Бардо почина на 91-годишна возраст, објави The Guardian, повикувајќи се на извори блиски до семејството. Бардо беше една од најпрепознатливите и највлијателни фигури на европската поп-култура во втората половина на 20 век.
Меѓународната слава ја стекна со филмот И Бог ја создаде жената од 1956 година, режиран од нејзиниот тогашен сопруг Роже Вадим. Улогата на слободоумната млада жена од Сен Тропе ја претвори Бардо во архетип на „секс-симболот“ и ја позиционираше во самиот врв на француската и светската кинематографија.
Родена во Париз во 1934 година, Бардо пораснала во традиционално католичко семејство. Рано се истакнала како балерина, што ѝ овозможило студии на Парискиот конзерваториум, паралелно со манекенска кариера. Веќе на 15-годишна возраст се појави на насловната страница на списанието Elle, што ѝ ги отвори вратите кон филмот.
Во текот на 1960-тите години, Бардо настапи во низа значајни филмови, меѓу кои Презир на Жан-Лик Годар, драмата „Вистината“ на Анри-Жорж Клузо и „Вива Марија!“ со Жана Моро. Работеше и во Холивуд, каде глумеше со Шон Конери во филмот „Шалако“.
Покрај актерството, Бардо имаше и музичка кариера. Таа ја сними првичната верзија на песната Je t’aime… moi non plus, напишана за неа од Серж Генсбур, иако песната подоцна стана светски хит во изведба на Генсбур и Џејн Биркин.
Во 1973 година, на само 39-годишна возраст, Бардо се повлече од глумата, објаснувајќи дека славата и медиумската хистерија ѝ станале неподносливи. Целосно се посвети на активизмот за заштита на животните, а во 1986 година ја основа Фондација Брижит Бардо, преку која водеше кампањи против ловот на фоки, убивањето делфини и суровото постапување со животни ширум светот.
Нејзиниот јавен ангажман, сепак, со текот на времето беше засенет од серија контроверзии. Бардо отворено го поддржуваше францускиот екстремен десничарски Национален фронт, а нејзините изјави за имиграцијата, верските малцинства и ЛГБТ-заедницата резултираа со повеќе судски пресуди за поттикнување расна омраза.
Бардо беше во брак четири пати и имаше еден син. Зад себе остава сложено наследство – икона на слободата и женската еманципација во филмот, истовремено и фигура чиј подоцнежен јавен живот длабоко го подели француското општество.
