Сите 133 кардинали помлади од 80 години, кои ќе го изберат новиот папа на конклавата што започнува во среда, пристигнаа во Рим, соопшти Ватикан во понеделникот.
Кардиналите ќе се соберат во Сикстинската капела во среда во 16:30 часот и ќе го започнат гласањето кое ќе трае сè додека еден од нив не освои двотретинско мнозинство и не стане новиот лидер на 1,4 милијарди католици ширум светот.
Кардиналите се сместени во Домот Света Марта, резиденцијата каде неодамна починатиот папа Франциск го помина својот понтификат. Ватикан соопшти дека кардиналите ќе мора да ги предадат своите телефони за време на престојот.
Кујната на Света Марта добила инструкции да подготвува само лесна храна за време на конклавата. Највисоките црковни великодостојници ќе се повлечат во Сикстинската капела, каде што нема да имаат никаков контакт со надворешниот свет.
Потребно е двотретинско мнозинство за да се избере наследникот на Франциск во процес кој може да трае со денови, па дури и недели. Најдолгата конклава во поново време беше во 1831 година, кога Григориј XVI беше избран по повеќе од 50 дена. Најдолгата во 20. век траеше само пет дена и 14 круга на гласање, кога Пиј XI беше избран во 1922 година.
Претходните две конклави, одржани во 2005 и 2013 година, траеја само два дена. Бенедикт XVI беше избран во четвртиот круг на гласање, а Франциск во петтиот круг. Само кардиналите под 80 години имаат право да учествуваат во тајното гласање. По успешното гласање, кардиналите го прашуваат избраниот папа дали ја прифаќа функцијата и кое име ќе го земе.
Светот дознава дека е избран нов папа кога се палат гласачките ливчиња со специјални хемикалии и бел чад излегува од оџакот на капелата. За нерешени гласови, се користат други хемикалии кои создаваат црн чад.
На крајот, висок кардинал излегува на централниот балкон на базиликата Свети Петар и објавува: „Habemus Papam“ (Имаме папа). Новоизбраниот папа потоа се појавува на балконот и го благословува народот на плоштадот пред базиликата.