!На 2 јуни во 18:00 часот во Младинскиот центар – Матично ќе се одржи средба на читачкиот клуб каде што ќе се дискутира книгата „Поделба: краток вовед во глобалната нееднаквост и нејзиното решавање“ од економскиот антрополог Џејсон Хикел.Средбата е отворена за сите — без разлика дали сте ја прочитале книгата целосно или само делови, дали сте запознаени со темата или доаѓате од љубопитност.
,,Дојдете да слушате, дебатирате, поставувате прашања или едноставно да бидете дел од процесот на колективно учење.
Книгата на Хикел ќе ја разгледуваме во поширок контекст на јавната критика на нееднаквоста, доминацијата и правото на простор – концепти кои се во сржта и на паралелната истражувачка изложба што ќе се претстави кон крајот на 2025. Оваа изложба и публикaција отвораат прашања за тоа кому му припаѓаат јавните простори и како тие се користат за зајакнување на социјалните и економските хиерархии.
Темите на пристап и сопственост, протест и отпор и симболичен конфликт и урбан идентитет, директно се поврзани со аргументите на Хикел за глобалниот економски поредок, но и со локалните практики на исклучување, урбан дизајн и пристап до ресурси.
Џејсон Хикел е економски антрополог, писател и јавен интелектуалец роден во Есватини (поранешно Свазиленд). Докторирал на Универзитетот Оксфорд, а моментално работи како професор на Институтот за политичка екологија при Автономниот универзитет во Барселона и е вонреден професор на Лондонската школа за економија.Хикел е еден од најгласните критичари на неолибералниот економски модел, кој според него ја продлабочува нееднаквоста помеѓу глобалниот север и југ. Тој активно учествува во јавни дебати за економска и еколошка трансформација, и е редовен колумнист во The Guardian, Foreign Policy и други релевантни медиуми.
Во „Поделба: краток вовед во глобалната нееднаквост и нејзиното решавање“ (Азбуки, 2019; превод: Здравко Савески), Хикел нуди остроумна анализа на историјата и причините за глобалната економска нееднаквост. Според него, нееднаквоста не е случајна ниту природна, туку резултат на историски процеси на колонијализам, нееднаква размена и структурно насочена глобална економија.Книгата ги преиспитува доминантните наративи за развојот и богатството, и предлага алтернативни патишта кон економска и еколошка правда. Хикел ги разобличува митовите за сиромаштијата и напредокот, и повикува на глобална солидарност, реституција и системска промена.
Фасцилитаторка на овогодинешната група е Ивана Драгшиќ, социолог и граѓанска работничка.