Студентските средби Скомрахи на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) и годинава ги обединуваат во Скопје студентите од повеќе европски драмски академии.
Под мотото „Друг свет“, тие својата креативност, идеи и енергија ќе ја престават од 5-ти до 8-ми ноември на Академската сцена на ФДУ, во Драмскиот и во Албанскиот театар. Публиката ќе има единствена можност да види театарски претстави на студенти од Белгија, Словачка, Турција, Србија заедно со оние на домаќините – студентите на ФДУ.
Во рамки на програмата, на ФДУ ќе се одвиваат и две работилници – на 6-ти ноември (четврток) во 14:00 ч. ќе се одржи работилница водена од Катржина Јебава од Академијата за изведувачки уметности – Брно, Чешка, а на 8-ми ноември (сабота) во 14:00ч. ќе се одржи работилница водена од Умит Ерлим од Одделот за сценско-изведувачки уметности на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот Малтепе – Истанбул.
Годинешните Скомрахи, целосно концепирани и програмирани од студентите на ФДУ, се инспирирани од желбата да се откријат нови реалности и алтернативни перспективи за уметноста, театарот и човековото постоење. Под мотото „Друг свет“, фестивалот го истражува просторот помеѓу имагинарното и реалното, границите на телото, идентитетот и сцената.
Скомрасите ги повикуваат сите љубители на театарот, уметноста и експерименталниот израз да се приклучат на создавањето на „Друг свет“, започнувајќи од 5-ти ноември во Драмскиот театар – Скопје, со изведба на „Луѓе, места и нешта” на Данкан Мекмилан од студентите на ФДУ. Сите настани се отворени за публиката, со бесплатен влез, а целата програма е објавена на www.instagram.com/skomrahi и www.facebook.com/skomrahi.