Почнува маратонот „Трчај бе“ во Битола

Со слоганот „Филм ми е да трчам“, ја поврзуваме трката со Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ што го прави настанот уникатен во својата форма

Околу 1.800 учесници од 25 земји денеска ќе трчаат во Битола во рамките на трката „Трчај бе со Алпско“. Трката годинава се поклопува со фестивалот „Браќа Манаки“ кој беше отворен синоќа.

– Секој километар ќе биде приказна, а секој чекор и филмска сцена на нашите улици. Излезете од 8 часот на улиците на Битола и бодрете ги учесниците на трката исполнета со адреналин, емоции и интернационален дух – велат организаторите.

Ќе има три трки – на 5 км, 10 км и 21 км. Оваа година полумаратонот – односно 21-километарската трка е и Национално првенство во полумаратон, под покровителство на Атлетската федерација на Македонија.

Никола Димитровски, иницијатор на „Трчај бе!“ вели дека секое ново издание носи посебна енергија, но оваа година е навистина посебна.

– Со слоганот „Филм ми е да трчам“, ја поврзуваме трката со Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ што го прави настанот уникатен во својата форма. Не е само спортски предизвик, туку и културен симбол за градот. Возбудени сме што можеме да ги обединиме љубителите на трчањето и филмските ентузијасти на едно место, и што овој настан станува дел од календарот како настан кој не се пропушта во нивните тим билдинг активности – вели Димитровски.

За комплетната креативна концепција на трката е задолжена Академијата за графички дизајн Monday Learning. Ова е повеќегодишна соработка која им дава шанса на студентите целосно да се вклучат во процесот на креирање на визуалите и решенијата за трката. Нивниот труд секоја година го претставува организаторот на изложба, каде што тие можат да го покажат своето креативно портфолио и да добијат вредни искуства.

Најново

Последни колумни