Почнува големото судење за трагедијата во „Пулс“ – на обвинителна клупа 38 лица за смртта на 63 млади

Точно во 9:30 часот денеска започнува едно од најголемите и најкомплексни судења во поновата македонска историја – процесот за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, трагедија која на 16 март 2025 година однесе 63 животи и повреди повеќе од 200 лица.
Фото: Б. Грданоски

Судницата лоцирана во близина на затворот „Идризово“ е под строги безбедносни протоколи. Семејствата на жртвите пристигнуваат уште од раното утро, очекувајќи ги одговорите што ги чекаат девет месеци. Правосудниот систем се соочува со еден од најтешките тестови досега.

Обвинение против 38 лица – цел синџир системски пропусти

Обвинителството ќе треба да докаже вина на вкупно 38 обвинети – институции, поранешни и актуелни функционери, инспектори и приватни лица – за тешки кривични дела против општата сигурност. Според обвинението, трагедијата не била случајност, туку последица на години игнорирање на законите, незаконско работење и неодговорност на сите нивоа.

Објектот „Пулс“ работел нелегално уште од 2012 година: без минимални технички услови, без валидна противпожарна опрема, со нерегистрирани реконструкции и со сериозно небезбедни услови за посетителите.

Во документите на Обвинителството се наведува дека институциите издавале дозволи спротивно на законот, не вршеле инспекциски надзор и дозволувале огромна пренатрупаност. Кобниот момент настапил кога за време на настапот на групата „ДНК“ биле активирани пиротехнички средства без дозвола, што предизвикало брзо ширење на огнот.

„Ланец на пропусти што неминовно водел кон катастрофа“

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски уште во јуни изјави дека секоја институција имала можност да спречи дел од ризиците, но пропустите се таложеле со години, создавајќи „ланец што неминовно водел кон катастрофа“.

Паралелно со последните технички подготовки, зградата на судот е под силно полициско обезбедување, со филтри за контрола на влез и дежурни лекарски екипи.

Судењето ќе го води судијката Диана Груевска-Илиевска, која има речиси две децении искуство со високо профилирани случаи, меѓу кои и процесите за несреќата кај Ласкарци и судењата против поранешни премиери.

Кои се обвинетите?

На првото рочиште треба да се појават сите 38 обвинети. Меѓу нив:

  • сопственици и одговорни лица на фирмите што ја управувале дискотеката од 2012 година;
  • братот на сопственикот, одговорен за продажба на билети и контрола на бројот и возраста на посетителите;
  • тројца градоначалници на Кочани – актуелниот Љупчо Папазов и неговите претходници Николчо Илијев и Ратко Димитровски – обвинети дека не го внесле ноќниот клуб во официјалните општински регистри и му овозможиле да работи со години;
  • поранешни министри за економија Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, како и државен секретар и пет службеници од ресорот;
  • актуелниот министер без ресор Шабан Салиу, како поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, заедно со други поранешни директори и инспектори;
  • локални градежни и останати инспектори, како и членови на обезбедувањето од дискотеката.

Според обвинителството, на кобната вечер во „Пулс“ имало повеќе од 500 лица, далеку над дозволениот капацитет.

Марш за правда: „Нашите деца го платија данокот на корупцијата“

Само неколку дена пред почетокот на судењето, во Скопје се одржа голем марш организиран од иницијативите „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“. Илјадници граѓани маршираа со транспаренти:

  • „Крени го гласот пред да е касно“
  • „Тишината е соучество“
  • „Профит во крв“
  • „Нашето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива“

Родителите порачаа дека нема да се откажат додека не се утврди целосна одговорност за трагедијата. „Болката е наша, но борбата е за сите нас“, рекоа во видеопорака.

Извор: Независен

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни