Во главата фаза Македонија пренесува еден поен, од нерешениот натпревар со Унгарија, додека Австрија има два поени, поради победата над Катар.
Натпреварот против Австрија е еден од најважните за македонската репрезентација во оваа рунда, бидејќи тоа е репрезентација која е на слично ниво по квалитет и ќе биде главен конкурент на Македонија за повисок пласман и можно изненадување.
Селекторот Кирил Лазаров рече дека Австрија е репрезентација која знае што сака во секој дел од натпреварот и дека нивниот систем функционира во сите фази на играта.
„Двајца важни играчи им се повредено, што е секако плус за нас. Ќе пробаме тоа да го искористиме. Но, без разлика на се, нивниот систем функционира во сите фази на ракометната игра и доста сме претпазливи, се надевам дека подготвени ќе го дочекаме мечот. Ќе биде тешко, исцрпно. Мора да бидеме физички и ментално спремни“ рече Лазаров пред натпреварот.
Тој исто така повика и на поддршка од трибините и најави дека македонските навивачи ќе бидат додадена вредност.
Во главната рунда, Македонија е во група со Холандија и Унгарија со кои заедно продолжи од прелиминарната фаза како и селекциите на Австрија, Катар и Франција со кои треба да игра.
Франција е прва во групата со четири поени, Унгарија има три, Холандија и Австрија по два, Македонија има еден, додека Катар во главната фаза премина без поени.
Во четвртфиналето се пласираат само две репрезентации од секоја група.