Почнува 44. Скопски џез-фестивал: Анджеј Јагоѓински ќе го отвори фестивалот со Бах и Шопен

Со концерт на еден од најзначајните полски пијанисти, Анджеј Јагоѓински, на 16 октомври во Националната опера и балет, ќе започне годинашното издание на Скопскиот џез-фестивал (СЏФ).

Ова е 44. по ред издание на фестивалот, кој веќе децении наназад претставува едно од најзначајните културни случувања во земјата и пошироко во регионот.

Јагоѓински, кој првпат доаѓа во Скопје, ќе настапи во формацијата трио и за оваа специјална пригода ќе изведува композиции од музичките великани Бах и Шопен, во уникатна џез-интерпретација која му ја донесе светската слава.

Програмата продолжува на 17 октомври со настап на познатиот американски гитарист Марк Рибо, како и Кахил Ел Забар, еден од најпрогресивните уметници на чикашката импровизаторска сцена. Третата вечер, на 18 октомври, е посветена на скандинавската музичка сцена, со два исклучителни концерти: најпрво „After the Wildfire Quartet“ (Арве Хенриксен, Јан Банг, Ејвинд Арсет и Ингар Зак), а потоа и „Tropiques“ – проектот на трубачот Горан Кајфеш со шведските музичари Александар Зетсон, Јохан Берлинг и Јохан Холмегард, кои ќе понудат ново доживување на „хипно-џез“ стилот.

Фестивалот ќе заврши на 19 октомври со настап на легендарниот американски трубач и композитор Вадада Лео Смит, кого критиката го опишува како еден од најкреативните џез-музичари на денешницата. Заедно со него ќе настапи и пијанистката Силви Курвоазје, а вечерта ќе ја заокружи настапот на квартетот на тенор-саксофонистот Џејмс Брендон Луис, еден од највозбудливите имиња на современата џез-сцена.

Скопскиот џез-фестивал и годинава нуди богата програма со врвни светски музичари и иновативни музички концепти, задржувајќи ја својата репутација како платформа за врвна уметност, слободна музичка експресија и културен дијалог.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни