Депонијата „Дрисла“ почна да се дооградува, односно да се поставува ограда и на оној дел каде досега беше необезбедена.
Според министерот за животна средина, Изет Меџити, ова се прави на барање на жителите на селото Батинци за заштита од кучињата скитници и расфрланите отпадоци.
„Оваа депонија со години претставува извор на загадување и здравствени проблеми за граѓаните и била предмет на бројни реакции од жителите на околните населби, особено од Батинце. По неколкуте средби што ги имав со нив, ветив дека ќе преземеме конкретни мерки, и денес работите веќе започнаа“, рече Меџити.
Со средства обезбедени од Министерството за животна средина, во вредност од 9 милиони денари, ќе се изгради ограда долга 4.800 метри и висока 1,5 метри, поставена на 1.500 метални столбови, со двојна бодликава жица и бетонски темели, со што ќе се оневозможи неовластен влез и ќе се намали загадувањето.
„Депонијата ‘Дрисла’ има стратешко значење за целиот регион на Скопје. Во соработка со Град Скопје и надлежните институции, ќе продолжиме да инвестираме во нејзина модернизација и трансформација во современ центар за рециклирање на отпадот,“ изјави Меџити.
„Дрисла“ е најголемата депонија во државата каде се уште се одлага сиот отпад од Скопје, но и од скопскиот регион.