Почна големото миење на скопските улици и булевари

ЈП „Комунална хигиена“ ја стартуваше сезонската акција за машинско миење на улиците и булеварите во Скопје, додека во Кисела Вода беа заменети и четири опожарени контејнери.

ЈП „Комунална хигиена“ Скопје викендов ја започна сезонската акција за машинско миење на булеварите и поголемите улици во главниот град, со употреба на автоцистерни. Од претпријатието велат дека активноста има цел да го одржи хигиенското ниво на јавните и сообраќајните површини, а воедно да придонесе и за намалување на загадувањето на воздухот.

Миењето ќе се одвива во доцните вечерни часови, кога движењето на возила и пешаци е помало, со цел акцијата да се спроведува поефикасно.

Во меѓувреме, изминатиот викенд биле опожарени четири контејнери на улицата „Невена Георгиева-Дуња“ во општина Кисела Вода. Од ЈП „Комунална хигиена“ информираат дека сите биле целосно уништени и ставени вон употреба.

За да не се наруши редовното одлагање, собирање и транспорт на отпадот, претпријатието во краток рок ги заменило оштетените садови со нови.

Според податоците на претпријатието, во текот на 2025 година биле запалени вкупно 27 контејнери за комунален отпад, додека од почетокот на оваа година досега се опожарени уште 11.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни