Бројот на загинати во катастрофалниот пожар што избувна за време на новогодишната ноќ во бар на швајцарското скијалиште Кран-Монтана се искачи на 41 лице, откако во болница почина тинејџер кој бил тешко повреден во несреќата.
Веста денеска ја потврди локалното државно обвинителство, еден ден откако неколку стотици демонстранти маршираа низ Лозана, барајќи „правда и вистина“ за жртвите на трагедијата во која беа повредени 155 лица, пренесува RFI.
Кантоналната државна обвинителка Беатрис Пилу потврди дека 18-годишен швајцарски државјанин починал во болница во Цирих на 31 јануари.
„Бројот на загинати во пожарот во барот Le Constellation на 1 јануари 2026 година сега изнесува 41“, се наведува во официјалното соопштение. Обвинителството соопшти дека во оваа фаза нема да објавува дополнителни детали.
Масовен протест: „Не сте сами“
Во саботата, демонстрантите се собраа во Лутри, предградие на Лозана, од каде потекнуваат дел од жртвите.
„Тристан ќе наполнеше 18 години за четири месеци, но јас сум мајка и на другите 155 жртви“, изјави Винсијан Стаке, мајка која го загуби својот син, држејќи негова фотографија. „Ќе одиме до крај“, порача таа.
Некои од учесниците носеа бели рози, други транспаренти со пораката „Не сте сами“. Маршот започна од стадионот на локалниот фудбалски клуб, кој во пожарот изгуби седум свои играчи, а потоа продолжи до црквата, каде што ѕвоната ѕвонеа пет минути додека присутните полагаа цвеќе.
Истрага и сериозни безбедносни пропусти
Пожарот избувнал во подрумскиот дел за танцување на барот Le Constellation, кој бил преполн со гости на новогодишната прослава. Обвинителите веруваат дека прскање од шишиња шампањ ја запалило пенестата звучна изолација на таванот.
Видео-снимки од мобилни телефони покажуваат дека младите продолжиле да слават, несвесни за опасноста, сè додека не било предоцна. Сведоци опишаа паника кога толпата се упатила кон единствениот излез.
Повеќето жртви биле швајцарски државјани, но меѓу загинатите и повредените имало лица од вкупно 19 националности.
Покрената е кривична истрага против поранешен службеник задолжен за безбедносни контроли, кој е трет обвинет, заедно со сопствениците на барот , француски брачен пар. Властите откриле дека од 2019 година не била извршена ниту една годишна безбедносна проверка.
Десетици повредени сè уште на лекување
Според последните податоци, 44 пациенти се лекуваат во странство – 18 во Франција, 12 во Италија, осум во Германија и шест во Белгија. Во швајцарските болници се згрижени уште 37 пациенти, од кои дел сè уште се на интензивна нега.
Надлежните предупредуваат дека бројките постојано се менуваат поради префрлање на пациентите меѓу болници и различни фази на лекување.
