Сара Бекстром, припадничка на Националната гарда на Западна Вирџинија, која беше ранета во вооружен напад во близина на Белата куќа, почина од здобиените повреди, соопшти претседателот на САД, Доналд Трамп. Вториот гардист ранет во инцидентот пред два дена и натаму се наоѓа во критична состојба.
Дваесетгодишната Сара Бекстром, која ја започнала службата во јуни 2023 година како дел од 863. чета на воена полиција, починала во болница, пренесува NBC News. Трамп ја опиша како „многу почитувана, млада и прекрасна личност“.
Ранетиот припадник Ендру Волф (24), наредник на Американското воено воздухопловство од Мартинсберг, се наоѓа во тешка здравствена состојба. Двајцата биле ангажирани во мисијата „Безбедно и убаво“ во Вашингтон и биле застрелани околу 14:15 часот во средата, помалку од 24 часа откако добиле одобрение за патролирање низ градот.
Таткото на Бекстром на Фејсбук ја потврдил смртта на својата ќерка, нарекувајќи ја „страшна трагедија“, додека таткото на Волф порача: „Само молете се за мојот син“.
Осомничениот напаѓач, Рахманулах Лаканвал – државјанин на Авганистан кој, според ЦИА, „работел со американските сили за време на војната во Авганистан“ – бил ранет при инцидентот и задржан во болница. Против него се подигнати обвиненија за обид за убиство и поседување оружје за време на насилно кривично дело.
