Ериксон беше првиот странец кој стана селектор на англиската фудбалска репрезентација, а во својата кариера водеше и неколку тимови. Тој се повлече од неговата последна работа, како спортски директор во Карлштад, во Шведска, минатиот февруари поради здравствени причини.
Смртта на Ериксон беше потврдена од Бо Густавсон, поранешниот агент на менаџерот, кој кажа дека Ериксон починал во неговиот дом, покрај своето семејство.
„Семејството побара да биде испочитувана нивната желба да тагуваат во приватност и да не бидат вознемирувани“ изјави тој.
Тренерската кариера на Ериксон траеше повеќе од четири децени во која тој освои 18 титули.
На почетокот на годината, кога објави дека е терминално болен, Ериксон исто така сподели дека сон од детството му е да го води Ливерпул на Енфлид роуд, желба што му беше остварена во март, кога тој застана на чело на легендите на Ливерпул во пријателски натпревар.
Документарен филм за неговиот живот насловен „Свен“ беше објавен на Амазон непосредно пред неговата смрт, а филмот заврши со негова порака, која го отслика неговиот живот исполнет со добар хумор, гордост и достоинство.
„Немојте да жалите, смејте се. Ви благодарам за се, тренери, играчи, публика. Беше фантастично. Грижете се за себеси и за вашиот живот. И живејте го. Чао“ рече Ериксон.