Почина Милка Ефтимова, доајен на Националната опера и балет

Со длабока тага беше соопштено дека на 89-годишна возраст почина Милка Ефтимова (1936–2025), угледна оперска певица и долгогодишен доајен на Националната опера и балет. Ефтимова остави неизбришлива трага во македонската култура и во светот како амбасадор на уметничкото наследство на Македонија.

Таа се прослави со својот изразен вокален талент, прецизна техника и несомнено присуство на сцената, а нејзиното име беше препознатливо на меѓународната оперска сцена. Покрај големите достигнувања на сцената, Милка Ефтимова беше посветена наставничка и ментор, која генерации млади уметници ги водеше и пренесуваше своето богато знаење до последниот ден од својот живот.

„Со голема тага ја примивме веста за смртта на нашата сограѓанка, професорка и оперска примадона Милка Ефтимова. Нејзиниот живот и дело остануваат траен белег во македонската култура“, се вели во соопштението на Македонската опера и балет.

Во својата долготрајна, богата и плодна кариера, таа отпеа четириесет оперски улоги, како и многубројни партии во ораторијални дела и соло изведби, застанувајќи повеќе од 1.200 пати на оперската и концертната сцена, во дваесетина земји низ светот.

Со извонредна музикалност и изразито чувство за артизам, таа ги креираше Орфеј во ,,Орфеј и Евридика”, Ацучена во ,,Трубадур”, Еболи во ,,Дон Карлос”, Сузуки во ,,Мадам Батерфлај”, Марфа во ,,Хованшчина”, Урлика во ,,Бал под маски” и многу други, а најголем печат остави во насловната улога на ,,Кармен”. Од оперската сцена јубилејно се прости токму со Кармен на 6 ноември 1991 година.

Милка Ефтимова беше редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, наставник на Музичко-балетскиот училиштен центар во Скопје и Средното музичко училиште во Штип. Во нејзината богата оперска кариера одликувана е со наградите: „11 Октомври“ (1985), „Св.Климент Охридски“ (2001), „Мајка Тереза“ (2009), како и Орден за заслуги на Република Северна Македонија (2022).

Нејзинито тело ќе биде изложено в сабота, на 16 август, во 10 часот во капелата во Радовиш, а погребот ќе се изврши во 11 часот на гробиштата во Радовиш.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни